Додека во јавноста излегуваат детали од билатералниот Протокол со Бугарија на бугарски јазик, македонското МНР не го објавува, обвинувајќи ги медиумите за лажни вести. Власта со контрадикторни изјави ја збунува јавноста – дали воопшто Протоколот е усвоен, потпишан и кога навистина ќе биде објавен.

Владејачката СДСМ на централен комитет едногласно го поддржа францускиот предлог за отпочнување на пристапни преговори со ЕУ. Опозициската ВМРО ДПМНЕ вели дека додека не го види клучниот документ – билатералниот Протокол со Бугарија не се согласува за почнување на преговори.

А Протоколот се уште се држи во тајност и не е достапен за македонската јавност. За мистеријата да биде поголема претставници на владејачката коалиција во јавноста споделуваат различни информации околу тоа дали тој е усогласен, потпишан и кога ќе биде објавен.

Протоколот, всушност е записникот од вториот состанок на Мешовитата меѓу владина комисија формирана врз основа на член 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија.

Пред речиси две недели министерот за надворешни работи Бујар Османи најави дека ќе го објави билатералниот Протокол. Тој тогаш изјави дека Протоколот е усогласен во МНР, но треба да го одобри Владата кога ќе го разгледа во рамки на целиот пакет документи кои се однесуваат на францускиот предлог за отстранување на бугарското вето за почеток на пристапни преговори со ЕУ.

Османи не го исполни реченото на 1 јули дека ќе го објави Протоколот

Тој во интервју за Телма тогаш изјави дека во Протоколот се опфатени прашања од историјата, односно се охрабрува во рок од една година да се решат спорните прашања меѓу историските комисии.

„ Нема рокови, се дава желба политичка да се забрза тој процес. Другото се е обврски на Владата откако Комисијата ќе одлучи. Значи ќе го видите текстот, јас утре ќе го објавам текстот. Во Протоколот стои што ќе прави Владата откако Комисијата ќе одлучи“ изјави Османи во интервју за Топ Тема на 1 јули.

Повеќе на РСЕ