Пристапните преговори со Северна Македонија треба да почнат, рече германскиот канцлеар Олаф Шолц во Скопје и рече дека ќе се заложи за тоа. Премиерот Димитар Ковачевски, пак, вели дека земјата не може постојано да биде заложник на тоа дали ќе има или ќе нема датум за преговори. Од Скопје Шолц заминува во Софија.
Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска во Скопје порача дека се залага Северна Македонија да почне преговори со ЕУ. Тој вели дека за Германија Западен Балкан е од стратешко значење и се залага за прием на регионот во ЕУ, а тоа особено важи за земјава, рече Шолц, кој денеска престојува во официјална посета на Македонија. Германскиот канцелар е во дводневна посета на регионот. Пред да дојде во ги посети Приштина и Белград, а од кај нас заминува во Софија, на средби со бугарскиот државен врв.
„Од пред дваесет година на земјите од Западен Балкан им беше ветена европска перспектива и сега е време да следат дела. Германија е сериозна со ЕУ-интеграцијата на регионот ЕУ, особено ова важи за Северна Македонија. ЕУ на Северна Македонија има дадено ветување, а земјата ги исполни сите предуслови за почеток на пристапните преговори. Се чудев, се воодушевив на политичката сила која овозможи да дојде до договор со Грција, затоа остатокот од задачата треба исто така да ни успее. Граѓаните и Владата на Северна Македонија работеа многу на тоа, и сега треба да ги вложиме сите наши напори за тоа да се реализира“, рече германскиот канцелар Олаф Шолц на заедничката прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски во Владата во Скопје.
Ковачевски вели дека земјава не може постојано да биде заложник на самитите на Европската Унија за тоа дали ќе има датум или нема да има датум.
Шолц вели дека треба да започнат пристапните преговори ветени пред две години и нагласи оти лично ќе се заложи да се случи следниот чекор.
Тој се заблагодари и што земјава ги следи позициите и мерките на ЕУ преземени кон Русија поради инвазијата во Украина.
Повеќе на РСЕ









