Алијанса за Албанците даде конкретни предлози со цел да ги заштити потрошувачите во време на енергетска криза.
„Предложивме намалување на ДДВ од 18% на 5%, намалување на акцизата за бензините од 22 на 15 денари и за дизелот од 15,50 денари на 9 денари, како и намалување на трговската маржа на фиксна вредност не поголема од 3 денари. Но, оваа Влада не ги зема предвид овие предлози и сугестии на АА и понуди делумни мерки кои од 1 јуни веќе не важат.
Друг предлог на АА беше кога цените на нафтените деривати на светските берзи се високи, знаејќи дека една од главните компоненти за формирање на цената на тргувањето на нафтените деривати се цената на овој енергенс на светските пазари и курсот на доларот на берзата, да се замрзне ДДВ без разлика на цените на нафтените деривати на светските пазари. Учеството на ДДВ кое потрошувачите треба да го плаќаат за овие горива да биде со фиксна вредност. Но и оваа мерка Владата не ја прифати и не ја зема предвид.
Но, почитувани граѓани, знаете ли зошто оваа влада не ги спроведува овие предлози?
Од анализата што ја направивме, споредени се цените на нафтените деривати од 28 февруари годинава и оние кои се актуелни денес.
Акцентот го ставивме на данокот на додадена вредност (ДДВ) кој на 28 февруари беше 18%, а и на 3 јуни е 18%, така што во процентот нема промена. На 28 февруари за бензинот на име ДДВ за секој продаден литар бензин државата инкасирала 13,02 денари, а на 3 јуни за секој продаден литар бензин државата инкасира 16,59 денари. Државата за секој продаден литар бензин денеска инкасира 3,57 денари повеќе од 28 февруари. За литар дизел државата инкасира 15,14 денари, а на 28 февруари 11,53 денари. Значи државата инкасира 3,62 денари повеќе за секој продаден литар бензин денеска. Тука нема простор за коментар! Нема влада во светот, дури и во најтоталитарните земји, која во ова време на енергетска криза, применува мерки за да го полни државниот буџет, а своите граѓани да ги турка во крајна сиромаштија“, изјави Елми Азири, пратеник на Алијанса за Албанците.
MKD











