Што доколку до 30 јуни не се реши спорот со Бугарија и повторно се одложат преговорите со ЕУ? Високиот претставник на ЕУ, Борел, предупреди на криза, а директорката на ЕПИ, Кацарска вели дека регионот ќе се оддалечи од европската агенда. Кржаловски од МЦМС смета дека граѓаните се разочарани од ЕУ.

Се погласни се повиците и се позасилена е дипломатската активност периодов за решавање на спорот меѓу Македонија и Бугарија до крајот на француското претседателство со ЕУ, кое завршува на 30 јуни. Францускиот претседател Емануел Макрон вчера телефонски разговараше со премиерите на двете земји, Димитар Ковачевски и Кирил Петков, како и со бугарскиот претседател Румен Радев. Во посета на Софија се еврокомесарот за проширување на ЕУ, Оливер Вархеји и заменик-државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања Карен Донфрид.

Високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел пред некој ден изјави дека поставува временска рамка за решавање на спорот до крајот на јуни и предупреди дека ќе има сериозна криза во односите со земјите од Западниот Балкан ако спорот не се реши.

Ова е многу чувствителен геополитички момент во ЕУ поради војната во Украина и многу повеќе се говори за Балканот, вели директорката на Институтот за европска политика, Симонида Кацарска. Целиот регион не е интегриран во НАТО и секако дека ЕУ се повеќе размислува за тоа дека регионот не е надвор од блокот, туку е опкружен со земји членки. Македонија за процесот на проширување е навистина проблем, поради блокадата од Бугарија што ја оневозможува ЕУ да биде влијателен актер во регионот, додава таа.

Повеќе на РСЕ