Неколку дена по активната блокада на Собранието, ВМРО-ДПМНЕ осмислува следни чекори на делување. Мицкоски најави дека на нивните листи на пратеници ќе има и кандидати Албанци. Но аналитичарите велат дека поради наративот кој го имаат, ним ќе им биде потешко да направат „албанска автентична“ понуда
На седница на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ највисокото раководство на партијата ќе одлучи кои ќе бидат следните чекори на делување, откако веќе неколку дена ја спроведуваат активната блокада во Собранието. Кои ќе бидат конкретните чекори засега не откриваат, но велат дека сите опции се на маса.
„Ќе разговараме и за следни чекори кои секако ќе бидат „потврди“ од блокадата на Собранието. Сите опции се на маса и сето она што го дозволува демократијата е на маса, но јас се надевам дека од власта ќе смогнат сили, а премиерот ќе се јави и ќе закаже лидерска средба на која ќе разговараме за датум за предвремени избори,“ изјави за телевизија Сител потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски.
Од партијата се задоволни од резултатите на она што досега им го донела активната блокада во Собранието. Велат дека за само четири работни дена успеале да постигнат две цели. Прво, во Собранието освен што се усвои Дневен ред за една седница ниеден закон не е изгласан, а успеале и да спречат т.н. автентично толкување со кое, што велат, требало да се дозволи втор оператор за игри на среќа, во интерес на коалициониот партнер на СДСМ, ДУИ. Покрај ова од ВМРО-ДПМНЕ велат дека успеале во јавноста да ја подигнат свесноста за тоа што го прават.
Имајќи ги предвид претходните пракси во земја, политичкиот аналитичар Петар Арсовски очекува следните чекори на опозицијата да вклучуваат прелевање на блокадата на улиците.
„Следните чекори би можеле да значат блокирање на крстосници, да има протести, можеби и непослушност од градоначалниците итн. Дали тоа ќе им донесе полза или не, се уште е рано да се каже, бидејќи во моментот во јавноста се борат два конфликтни наративи, едниот на власта која вели дека блокадите и бојкотите не се упатни во ова време на криза и вториот од опозицијата која вели дека тие се неопходни за да се предизвикаат предвремени парламентарни избори“, вели Арсовски.
Мицкоски најавува кандидати за пратеници албанци










