Однесувањето на министерот Бектеши и на собранискиот спикер Џафери помина без став од СДСМ и покрај постојаните реакции од ВМРО-ДПМНЕ и јавноста. Аналитичарите Божиновски и Незири сметаат дека СДСМ не сака да ги нарушува односите со ДУИ за да нема избори, но, тоа партијата ќе ја чини гласови.
Со денови Владата и СДСМ молчат за однесувањето на министерот за економија Крешник Бектеши и на собранискиот спикер Талат Џафери и покрај реакциите во јавноста и од ВМРО-ДПМНЕ. Иако, досега партиските препукувања меѓу власта и опозицијата се редовна појава со размена на по неколку соопштенија секојдневно, во овие два случаи тоа изостана.
Бектеши за време на посетата на Албанија се сликаше само со знамиња на нашиот западен сосед, а притоа и реагираше на обраќањето до него кога го нарекоа македонски министер. По неколку дена Бектеши се правдаше дека му е чест што е министер на Македонија, а што се однесува до неговата изјава, како што рече, реалноста е дека Албанец.
Џафери, како што можеше да се слушне на аудио снимка, со вулгарен речник и со навреди се обрати кон вработените во службата за седници во Собранието. Премиерот Димитар Ковачевски избегна да даде коментар за Џафери, иако како што рече ја погледнал снимката, но не може да ја коментира бидејќи не се гледало со кого собранискиот спикер разговара.
Повеќе на РСЕ








