Зголемената сиромаштија и трошоци за живот се предизвиците со кои се соочуваат граѓаните. Државата се бори со рекордно ниво на долг и во најава се енормни задолжувања. Несомнено најголемиот предизвик е економската стабилност и ќе треба да се преземат болни мерки, вели економскиот аналитичар Халили.
Над 450 илјади луѓе во земјава живеат под прагот под сиромаштија, а граѓаните се снаоѓаат како знаат и умеат за да ги покријат буџетските дупки и да го преживеат месецот. Еден од нив е и Адем Халили, кој на скопскиот пазар продава расад од зеленчук што ги одгледува дома. Тој вели дека со овој дополнителен приход ги покрива трошоците, по поскапувањето.
„Храната стана многу скапа. Парите што ги добивав како приход, сега не ми се доволни. Со 250 евра не можам да ги покријам основните потреби. Излегов овде да продавам расад од домати, пиперки, да го поминам месецот“, вели Халили.
Последните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека речиси 452 илјади граѓани живеат во сиромаштија. Најизразена е стапката на сиромаштија во семејствата со три и повеќе деца од над 45 отсто, како и кај самохраните родители со околу 41 процент.
Во април годинава споредбено со истиот месец лани, трошоците за живот се за 10,5 отсто повисоки, додека цените на мало за истиот период се повисоки за 11,1 отсто.
Претходниот месец најголем скок во цената имало маслото за јадење и тоа за 20 отсто, а потоа зеленчукот за речиси 13 отсто. Од Нова година струјата поскапе за 10 отсто, а парното во Скопје за 14 отсто.
Повеќе на РСЕ








