Сега е моментот за деблокада на евроинтеграциите на Македонија, што во спротивно може да остане уште долг период отворено прашање, а тоа не е од полза на ниту една страна било заклучено на средбата на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, со македонскиот премиер Димитар Ковачевски и вицепремиерот Бојан Маричиќ. Предлогот ЕУ да биде гарант на Бугарите во Македонија за Малинка Ристевска Јорданова од ЕПИ е апсурден и може да доведе до нова ескалација на бугарските барања. Андреја Стојковски од институтот Преспа пак, во него гледа можност за деблокирање на преговорите.

Вархеји кој вчера беше во Софија, денеска допатува во Скопје на разговори за можностите за отворање на преговорите со Македонија, а во рамки на неговата турнеја низ регионот која ги опфаќа и Хрватска, Бугарија и Албанија.

Според владиното соопштение од средбата меѓу Премиерот Димитар Ковачевски и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, сега бил моментот за деблокада на евроинтеграциите на Македонија, бидејќи во спротивно можело да остане уште долг период отворено прашање.

Како што соопштија од македонската Влада, заедничка била констатацијата дека европските интеграции на Македонија и на регионот се потреба на државите во регионални рамки, но и на самата Европска унија.

„Премиерот Ковачевски нагласи дека тој останува посветен исклучиво на принципите на почитување на европските вредности и на разговори базирани на респект и достоинство, за што се согласиле со премиерот Петков при воспоставувањето на дијалогот и очекува односи на оваа база“, се наведува во владиното соопштение.

ЕУ гарант на правата на Бугарите во Македонија

Само неколку дена пред посетата на Вархеји стигна бугарскиот предлог за поместување на ветото за Македонија со тоа што Европската Унија би била своевиден гарант за правата на Бугарите во Македонија. Ова наиде на повеќе критики од македонска страна, но предизвика и поделени мислења кај дел од експертите.

Според изјавите дадени од бугарскиот премиер Кирил Петков, гаранција за правата на Бугарите во Македонија може да се обезбеди преку процесот на европска интеграција, за кој оцени дека ќе трае најмалку 10 години.

Повеќе на: РСЕ