Ангеловска-Бежовска: „Банкарскиот систем и курсот на денарот се стабилни“

0
113

Ревизијата на економскиот раст на земјава од 4,2 на 3,2 отсто што ја објави ММФ е поради војната во Украина, вели гувернерката на Народна банка, Анита Ангеловска-Бежоска, која заедно со министерот за финансии Фатмир Бесими учествува на пролетните средби на ММФ и Светска банка.

„ММФ ги објави најновите проекции со кои се обидува да ги процени економските ефекти од војната во Украина. Во тој контекст, се прави надолна ревизија, и таа се очекува кај сите земји, вклучително и за Македонија. Глобалниот економски раст по солидната стапка на раст од 6,1 отсто лани, оваа и наредната се предвидува на 3,6 отсто, што е значајно успорување. Во однос на бројките за нашата економија, исто така се прави надолна ревизија од 4,2 проценти на 3,2 отсто за оваа година, а за наредната 2,7 отсто. Овие бројки се слични и со регионот на Западен Балкан, изјави Ангеловска-Бежоска за Гласот на Америка.

Таа посочува дека во тек се и макроекономски проекции, кои ги изготвува Централната банка.

„Ние со последниот сет на макроекономски проекции, што датираат од октомври минатата година, очекувавме раст од 3,9 отсто за оваа година, но со оглед на новонастанатиот шок и ризиците поврзани со тоа, тековно работиме на нови проекции, и постои голема веројатност дека ќе има надолна ревизија“, вели Ангеловска-Бежоска.

Таа уверува дека банкарскиот сектор е стабилен и подготвен да одговори на предизвиците.

„Банкарскиот сектор има доволен капацитет, и да ја задржи својата стабилност и да му помогне на економскиот сектор за полесно да се справи со последиците од овој шок. Кредитниот раст изнесува 9 проценти, при што кредитната поддршка на корпоративниот сектор е 10 отсто, а на населението некаде околу 8 проценти. Важно е во вакви ситуации кога глобалната и домашната економија се соочуваат со ваков шок, банкарскиот сектор за остане здраво ткиво во економијата“, посочува гувернерката.


„Sloboden pecat“