Тетово: По реакциите на јавноста, прекинати работите на улицата „Страшо Пинџур“

0
132

Општина Тетово денеска преку соопштение ги известува жителите, сопствениците на локали лоцирани на улицата „Страшо Пинџур“, како и сите граѓани од градот и селата кои минуваат низ овој патен правец, дека работите за санирање на улицата започнати вчера, од денеска ќе бидат прекинати поради реакциите и создадените несогласувања од тетовските советници од листата „Подобро за Тетово“.

Градоначалникот на општина Тетово, Билал Касами, беше присутен на почетокот на работите , каде пред граѓаните и новинарите истакна дека проектот за овој пат ќе биде изведен согласно сите стандарди.

Проектот вклучува нова водоводна мрежа, фекална и атмосферска канализација и за таа цел е многу јасно дека требаше да се направи комплетно чистење на теренот, што опфаќа и отстранување на старите дрвја и нивна замена со нови дрвореди согласно проектот.

Општината ќе чека појаснување од советниците од Листата „Подобро за Тетово“, за нивните реакции и каков е нивниот предлог да се продолжи со работа.

„Веќе е познато дека оваа улица е непроодна повеќе од една година, а најголеми загуби имаат стопанствениците на локали кои работат во овој дел од градот и граѓаните кои секојдневно се движат на оваа патна оска. Сите ја разбираме важноста на животната средина и поради оваа причина потенциравме дека ќе бидат засадени нови дрвја. Бараме извинување и разбирање од граѓаните за прекинот на работите, но гарантираме дека по решавањето на споровите, работите ќе продолжат според планираното“, велат од таму.

Tv 21