Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски сподели нова приказна на Фејсбук за искуство што го имал во средба со екс шефицата на Специјалното Јавно Обвинителство (СЈО), Катица Јанева по вчерашното нејзино соочување во судница со бизнисменот Орце Камчев кој од неа и од Бојан Јовановски враќање на 1,5 милиони евра од случајот „Рекет“.
„Еден ден бев повикан во Обвинителството да дадам изјава за, мислам, два предмета. Едниот беше ТНТ. Изненадувачки бев повикан надвор од работното време и ги немаа известено медиумите дека доаѓам како што обично прават. Отидов со адвокатот и дадов изјава пред обвинителите, за едниот, па за другиот предмет. По некое време влезе и Катица Јанева која, иако почна мирно и сталожено да разговара, набрзо влезе во вербален конфликт со адвокатот, бидејќи тој на секој нивен незаконски чекор многу стручно и бескомпромисно им укажуваше што сè прекршуваат во постапката во случајот, а тие немаа правни аргументи како одговор, па фрустрацијата растеше од миг во миг. По кратко време таа излезе и на излегување побара кога ќе завршиме да се сретнам со неа во нејзината канцеларија. Кога отидов на вратата побара и инсистираше да бидам сам, без адвокатот, на што тој реагираше, но јас го замолив да дозволи и да видам што всушност сака да каже“, опишува Груевски од Будимпешта.
Објавата на неговиот пост била иницирана од изјава на таткото на Јане Ченто кој за медиумите тврди дека на неговиот син му рекле „ќе зборуваш како што ќе ти кажеме и ќе бидеш ослободен од обвиненија“, а Груевски во неа препознал нешто што, како што вели, и нему му се случило.
„Ова што го говори таткото на Јане Ченто верувам дека е точно. Верувам затоа што и мене ми се случи“, пишува експремиерот од Будимпешта.
Јанева, како што наведува Груевски, му зборувала со „многу пријателски тон“ и го „советувала“ да го смени адвокатот оти му правел штета и му посочила неколку кои по нејзино мислење би биле поподобни.
„И кажав дека сум многу задоволен од адвокатот, а дека тие што ми ги кажа не ги познавам и повеќето од имињата првпат ги слушам. Неколку месеци подоцна мојот адвокат сам се повлече под очигледен жесток притисок и сериозни закани. Му беше многу непријатно, беше преплашен од тоа што го добил како порака, … но настрана сега тоа“, пишува Груевски.
Втората тема на разговор, според Груевски, биле предметите за кои Јанева му рекла дека добро им напредувале на што тој ѝ возвратил дека „се конструкции без никакви докази и дека ако се суди по закон ќе им пропаднат напорите, дека нема никаква вина и дека попусто го малтретираат“.
Потоа, како што пишува во постот, Јанева го пофалила за неговата работа како премиер.
„Најпрвин ме пофали дека навистина сум бил многу успешен премиер и дека сум направил многу за земјата, дека многу сум работел и дека таа тоа многу го цени. Веројатно тоа беше влог за стекнување на доверба. „Па добро”, продолжи таа, еве јас се согласувам дека навистина вие немате вина, но ајде помогнете ни за другите”. „Што да ви помогнам и за кого” ја прашав. Почна да набројува имиња, Гордана Јанкуловска, Миле Јанакиески, Кирил Божиновски, Мартин Протогер и уште неколку други. „Еве вие помогнете ни да ја докажеме вината за нив и ние ќе се согласиме дека вие немате вина“ одговори шефот на СЈО со прилично милозвучен глас и поглед со блага насмевка кој требаше да ми влее чувство на добронамерност и доверба“, опишува Груевски.
Nova









