20-годишно трансродово момче од Скопје било принудено да ги покаже гениталиите на хрватски гранични служби за да ја помине српско-хрватската граница.
Настанот се случил во 2019 година, кога младиот скопјанец бил тргнат на работа во Хрватска. Но, поради неусогласеност на личните документи со родовото чувство, бидејќи во пасошот му било впишано женско име, а изгледал како машко, ова трансродово лице било дискриминирано и понижено од страна на граничарите. Тој бил изваден надвор од автобусот, бил задржан во собата за претрес повеќе од еден час, а таму му побарале да се соблече и да докаже дека патната исправа е негова, односно дека документот не е фалсификуван.
Овој пример е само еден од многуте каде трансродови лица биле изложени на потсмев, навреди и дискриминација, па дури и обвинети за криминал и фалсификување на документи поради неусогласеност на полот впишан во нивните лични документи, велат за НоваТВ ги од Здружението за унапредување на правата на трансродовите лица Трансформа. Активистката и трансродово лице Лила Милиќ, раскажува дека и самата е мета на навреди и омаловажување од страна на вработени во државните институции и не ретко е спречена да ги заврши личните обврски поради
„Управители во Управата за водење на матични книги, кога одев да вадам извод од матична книга на родените, ми се смееја буквално в лице и ме враќаа и по пет пати со банални образложенија дека ми фалат разно-разни документи иако ги имав приложено сите документи кои се наведени како потребни за вадење на извод од матична книга на родените. За вработување да не правиме муабет, ниедна компанија каде и да отидеш да бараш работа нема да те прими“, вели Милиќ.
Таа раскажува дека најголем проблем трансродовите лица имаат при барање на здравствена услуга во ЈЗУ, но и при патување надвор од земјата, па често овие лица лекарска помош бараат во приватните болници каде поради финансискиот надомест барем никој не им псотавувал незгодни прашања.
„Во моите лични документи името е впишано Лила Милиќ, но полот е машки и ЕМБР е исто така машки и тоа е она што прави проблеми. Вработените во институциите пред себе гледаат жена, но документите кажуваат дека се работи за лице од машки пол и поради тоа ми се случувало да ме обвинуваат за лажен документ па дури и за фалсификување на документи, кои патем ми се издадени од МВР“, вели Милиќ и додава дека токму поради ова е од клучна важност донесувањето на Законот за водење на матична евиденција за да може трансродовите лица да се интегрираат во општеството, да се прифатени на пазарот на труд и да ги уживаат истите права како и сите други граѓани.
Наташа Бошкова, правна советничка во Коалиција „Маргини“ и учесничка во работната група за изготвување на предлог-Законот за матична евиденција, во чии рамки треба да се регулира правното признавање на родот вели оти повлекувањето на овој предлог-закон од Парламентот е враќање четири години назад.
„Самото пишување на Законот трае четири години, од 2018, се формираше работна група и во неа учествуваа од сите институции. Овој предлог кој што се најде во Собрание, не беше нешто избрзано, скроено преку ноќ, туку беше еден добро осмислен закон. И самиот Европски суд кој што ја донесе пресудата ‘Лицето Икс против Република Македонија’ даде позитивно мислење дека вака формулиран законот значи минимум исполнување на обврската на државата што произлегува од пресудата“, вели Бошкова и додава дека дискусијата требаше да продолжи во Собранието, преку амандманска расправа се до изнаоѓање на заеднички прифатливо решение.
Повеќе на: НОВАТВ









