Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, истакна дека од министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, добиле пофалба за добриот третман од страна на државата кон турските компании кои инвестираат во земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).

Министерот Османи на редовниот неделен брифинг информираше за последните актуелности од надворешната политика, за тековните случувања во Украина, а се осврна и на неговите средби на Дипломатскиот форум во Анталија.

Осврнувајќи се на неговото присуство на Дипломатскиот форум во Анталија, Османи рече дека остварил голем број билатерални средби, почнувајќи од средбата со министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу.

Истакна дека со Чавушоглу разговарале за билатералната соработка, за економските односи и стратешкото партнерство меѓу Република Турција и Република Северна Македонија, и нагласи дека добиле пофалба за добриот третман на државата кон турските компании кои доаѓаат во земјата.

„Пофалбата што ја добивме од нив за третманот на турските компании овде во споредба со некои други искуства којшто ги имаат во светот, што се разбира за мене беше добра вест од фактот што државата, Владата ги третира добро турските компании. Затоа што тоа е порака, најдобрата реклама за привлекување на инвестиции е доколку инвеститорите се фалат за тоа како ги третира државата, како ги третираат институциите“, рече Османи.

Во однос на вчерашната посета на Жозеп Борел, високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија (ЕУ), кој ја нарече како исклучително важна посета, Османи рече дека тоа е прва посета на високиот претставник на Северна Македонија и дека е порака сама за себе што посетата на балканските земји ја започна од Северна Македонија.

„Се заблагодарив посебно што лично го спомнува Западен Балкан во контекст на овие случувања во Украина. Со тоа го подига вниманието на светската јавност за тоа дека Западниот Балкан е оставен како вулнерабилно подрачје каде што мора да се дадат јасни и прецизни пораки“, додаде Османи.

На денешниот брифинг Османи наведе дека од 120 мапирани и контактирани граѓани во Украина 80 отсто се веќе евакуирани, осум граѓани бараат евакуација, а 20-тина македонски граѓани не сакаат да се евакуираат.

Тој додаде дека Амбасадата на Северна Македонија во Украина останува активна, дека тоа е политичка порака за поддршка на Украина и дека македонскиот амбасадор функционира во романскиот Конзулат во Украина.

Меѓу другото, министерот Османи додаде дека нема да одбијат ниту еден украински бегалец кој ќе стигне на граница и дека бегалците ќе бидат примени со сите аспекти на хуманитарно згрижување.