Споделување на порнографска содржина со деца длабоко завлегува во социопатогена зона, во зоната на заштита на човековите права, но она што е најбитно, навлегува во делот на заштита на правата на детето, рече меѓу другото во своите завршни зборови обвинителот Владимир Милошевски на денешното судење за случајот „Јавна соба“ во кој им се судеше на креаторот и администраторот на групата преку која на апликацијата Телеграм, стотици членови споделуваа порнографски видеа и фотографии од девојки меѓу кои и малолетнички.
Штетата е ненадоместлива, рече Милошевски и од судот побара обвинетите Дарко Костовски и Михаил Паневски да бидат прогласени за виновни и да бидат казнети со казна соодветна на кривичното дело што го направиле.
Според одбраната, обвинителството нема доволно докази. Првообвинетиот Дарко Костовски не само што не е виновен туку тој е херој затоа што соработувал со полицијата и направил се’ групата „Јавна соба“ да биде затворена, рече пред судот неговиот адвокат Петро Јанура. Адвокатката Иванка Јакимовска пак, за второобвинетиот Михаил Паневски побара ослободителна пресуда.
Пресудата за случајот ќе биде изречена на 11 март годинава. Случајот “Јавна соба“ беше обелоденет пред повеќе од една година по што групата беше затворена но во исто време беа отворени нови две.
Обвинителството води предистрага за новите групи а побарана е и меѓународна правна помош. Беа одржани и протести по што беше изменет и Кривичниот законик со кој се предвидува ново кривично дело „Демнење“ кое го опфаќа и демнењето преку интернет.
[embedyt] https://www.youtube.com/watch?v=eA8OSlL6CTo[/embedyt]
24.mk









