Името на Македонска пошта е злоупотребено за кражба на податоци на платежни картички преку маил кој пристигнува кај граѓани во име на нереализирана пратка поради неплатена царина од 10 денари. Директорот на пошта Јани Макрадули предупреди дека пошта не праќа такви маилови и дека за тоа е покрената постапка во МВР. Експертите велат станува збор за организирана криминална група која ги доставува овие меилови преку сервер во Русија и таргетира исклучиво македонски корисници.
Вашата пратка не можеше да се достави во вторник (08.02.2022 година ) бидејќи не е платена царина од 10 денари. Ова е пораката што во електронската пошта ја добиле вчера група на граѓани во име на Македонска пошта.
Ако се анализира е- маил пораката апликацијата на северот е напишана да препознае дали посетителот односно примателот на пораката доаѓа до македонска ИП (IP ) адреса или не, велат информатичарите со кои разговараше Радио Слободна Европа. Ако е корисник на македонска електронска адреса тогаш линкот во пораката носи кој формат за наплата со платежна картичка каде што ако платите 10 денари – тие пари нема да завршат на сметка на Македонска пошта. Но, доколку примателот на пораката на македонски јазик не се логира од Македонија тогаш линкот води кон некакво онлајн радио. Серверот на кој води линкот од пораката е од Русија, а испраќачот на пораката е компанија регистрирана во САД преку анонимен сопственик со контакт оставен во Торонто.
Божидар Спировски, кој има повеќе од 20-годишно искуство како инженер, раководител на технички тимови и тимови за информациска безбедност, вели дека ова е класичен метод со кој се прави „фишинг“ на информации од корисници на платежни картички.
„Ова е класичен метод на напад на интернет и се сведува всушност на криминал. Денеска криминалот не мора да биде локален и само во рамките на една држава и на еден стан, туку луѓето кои се на другата страна на светот може да организираат и изведат криминален напад, затоа што сите сме онлајн и сите сме поврзани“, вели Спировски.
Од Македонски Пошти преку објава на социјални мрежи велат дека јавното претпријатие не стои зад таквата објава затоа што единствено и официјално известување за достава на пратките се врши физички преку поштари.
Повеќе на РСЕ









