Македонската влада сака да вложи максимален напор за разбирање меѓу Скопје и Софија, уверува премиерот Димитар Ковачевски во интервју за агенцијата МИА. Во разговорот по посетата на Ковачевски на Брисел, тој за МИА вели дека „во подолг период во минатото дискусијата помеѓу двете држави беше водена од страна на пропагандисти коишто креираа атмосфера на недоверба помеѓу двете општества“. Сега работите би требало да се одвиваат поинаку, бидејќи „не можете да изградите заеднички став со друга страна со која не комуницирате, со која не комуницираат релевантните фактори во општеството и низ која комуникација граѓаните не можат да видат дека работите се движат во позитивна насока“.
Ковачевски ја потенцира зајакнатата комуникација со Бугарија, посетите на премиерите на двете земји во Скопје и Софија, заедничката владина седница, како и работата на работните групи во областа на економијата, инфраструктурата, образованието, културата, европските интеграции.
„Паралелно нормално се одвива и процесот на разговори за политичките прашања коишто се отворени, тоа се води на ниво на Министерството за надворешни работи. Таму се работи на работни документи коишто не е добро да се споделуваат со јавноста со оглед на тоа дека не се официјални документи прифатени од двете страни, меѓутоа кога ќе имаме решение коешто е на ниво на експерти прифатливо, тоа сигурно ќе биде презентирано како на јавноста, така и на институциите коишто се задолжени за одобрување и прифаќање на такви документи согласно со законите и со уредувањето на двете држави“, посочува премиерот Ковачевски.
Повеќе на: DW









