За НоваТВ од Софија, Биљана Божиновска
„Критериум за успешност во инфраструктурата, на пример, е ако во 2023 година, биде завршен патот долг 13 километри до граничниот премин ‘Клепало’ со што ќе може да го пуштиме во употреба и овој граничен премин“, рече на денешната прес конференција претседателот на Владата на Северна Македонија, Димитар Ковечевски зборувајќи за договорените реални проекти помеѓу работните групи.
Во однос на политичките прашања, според Ковачевски, критериум за успешност ќе биде доколку низ разговор на комисиите и низ еден политички дијалог помеѓу Владите, се постигне договор и во догледен период се одржи долгоочекуваната прва меѓувладина конференција за Република Северна Македонија со ЕУ.
„На денешните средби доминантно се разговараше на овие теми кои ги опфаќаат работните групи, кои денес ги покажавме низ практична работа и кои што ќе треба да ги дадат резултатите. Еден критериум на пример, ако сме кажале дека ќе има авионска линија помеѓу Скопје и Софија, критериум за успешност е веќе следната недела ако следната недела туристички оператори од Софија да дојдат во Скопје или обратно, каде ќе разговараат за најекономски одржливата авионска линија која што би се воспоставила и која што би почнала со комерцијални летови од 1 март. Тоа е критериум за успешност“, рече Ковачевски и посочи оти продолжува процесите да течат и да се врати довербата помеѓу двете страни.
Премиерот на Бугарија, Кирил Петков пак истакна дека веќе на првата средба меѓу двете Влади потпишани се три реални меморандуми во областа на земјоделството, мали и средни претпријатија и прашањето на железничко поврзување на Скопје и Софија.
„Уште повпечатвлив е извештајот на останатите министри кои, секој од нив, презентира барем десет реални задачи, со заеднички секретаријат помеѓу различните групи, и со многу кратки рокови за реализација“, рече Петков и најави дека следната средба ќе биде после една седмица.
Во однос на работата на историската Комисија, Петков вели дека тие договориле три средби во следните четири месеци, со голема динамика на работа и помеѓу средбите. Најави дека составот на историската Комисија нема да се менува.
„Тие имаат многу оптимистички поглед кон заедничките задачи и според она што го видовме денеска се гледа огромната синергија и предности за едно добрососедство. Реално овие меморандуми имаат еден краен резултат, а тоа е економски развој на целиот регион. Економски развој, со кој граѓаните во двете земји ќе го почувствуваат подобрувањето во животниот стандард“, рече Петков.
На новинарско прашање, околу тоа дали барањата на Бугарија, бугарското малцинство во земјата да биде вметнато во Уставот, Ковачевски вели дека Уставот на Република Северна Македонија предвидува индивидуалните права да се остваруваат колективно.
„Нормално и други граѓани во државата кои што се самоопределуваат на друг начин, можат да побараат да бидат дел од Уставот. Тоа е процес, кој минува низ повеќе чекори и се вклучени повеќе институции и доколку тоа се случи, а нормално е дека такво нешто се случува на патот на една држава кон ЕУ, бидејќи тогаш се отвора Уставот со цел и други адаптирања да се направат, тогаш низ тој процес секако дека ќе бидат опфатени и тие прашања врз основа на барањата на граѓаните“, рече Ковачевски посочувајќи дека сите други отворени прашања се разговараат на ниво на МНР на двете земји.
Повеќе на:НоваТВ











