Во главниот град на Северна Македонија, Скопје, одбележан е христијанскиот празник Водици, јавува Агенција Анадолија (АА).
По повод празникот, во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“ во Скопје се одржа литургија.
По одржаната литургија, поглаварот на Македонската православна црква, г. г. Стефан во водите на реката Вардар, од мостот „Слобода“ во центарот на Скопје, го фрли крстот.
Оваа година 30 учесници влегоа во водите на реката Вардар за да го фатат крстот. Игор Јакимовски, еден од учесниците, во изјава за медиумите рече дека оваа година одлучиле фаќањето на крстот да биде посветено на сите учесници на церемонијата, без индивидуален победник.
„Оваа година се фативме сите за рака зашто на овој ден телото се соединува со Бога. Направивме еден гест, каде што крстот ќе биде во сите нас. Се одрекуваме од сите материјални награди. Крстот оваа година ќе биде во сите верници и сплотено ќе го вратиме во црква“, рече учесникот Јакимовски.
Традиционално, на овогодишната церемонија присуствуваа илјадници граѓани.
Меѓу граѓаните, на централната церемонија во Скопје присуствуваше и новоизбраниот премиер Димитар Ковачевски и Данела Арсовска, градоначалничката на град Скопје.
Овој христијански празник се одбележа со литургии во црквите во градовите низ земјата.
Според христијанското верување, се смета дека на овој ден сите води се крстени, и дека оној што ќе го најде крстот, ќе го следат среќа и бериќет во текот на целата година. Водици е ден во кој, според христијанското учење, Св. Јован Крстител го крстил Исус во реката Јордан.
Со овој празник завршува циклусот зимски празнувања, во кои спаѓаат уште и свеченостите поврзани со Бадник, Божиќ, Василица и други празници.








