Додека во Скопје привршува компонирањето на новата македонска влада, чиј премиер на 18-ти јануари треба да биде домаќин на бугарскиот колега Кирил Петков, во Софија се одвива важен состанок кој ќе биде првиот лакмус – дали решението на спорот меѓу двете земји ќе се помести од мртва точка.
За денеска, во 14 часот по локално време, бугарскиот претседател Румен Радев го закажа состанокот на Консултативниот совет за национална безбедност (КСНС) на тема „Интеграција на Западен Балкан во ЕУ; Улогата на Република Бугарија во проширувањето на ЕУ и во процесот на стабилизација и асоцијација: Република Северна Македонија и Албанија“.
Во пресрет на заседанието на КСНС, опозициски политичари не покажаа разбирање за потребата од заседавање на тоа тело, и состанокот го оценија како беспредметен и пи-ар кампања на претседателот. Тие потсетуваат дека токму по последниот состанок на КСНС во 2019 година, била усвоена рамковната позиција и декларацијата на Народното собрание во однос на РСМ.
„Не гледам дека е нешто сменето од 2019 година, кога на 10-ти октомври Народното собрание ја донесе Декларацијата за членство на РС Македонија во ЕУ, а оваа тема е една од малкуте нешта за кои земјата постигна национален консензус“, изјави за БНТ поранешната министерка за надворешни работи Екатерина Захариева и актуелна пратеничка на ГЕРБ.
Таа праша зошто се свикува КСНС во време кога ништо не е сменето во односите Скопје-Софија, особено што тоа тело две години воопшто не било свикано иако имало многу важни прашања – справувањето со пандемијата, енергетската криза, Украина, Казахстан… Според Захариева, какви било нови идеи за решавање на спорот треба да поминат низ народното собрание, а не за нив да се дознава од медиумите и од статуси на Фејсбук. Во изјава за „Труд“ таа потсетува „дека западната сосетка не почнала да ги исполнува обврските од Договорот за добрососедство од 2017 година, дека во Софија требало да дојде новиот македонски премиер Димитар Ковачевски, а не Кирил Петков да оди во Скопје, но и дека македонскиот претседател Стево Пендаровски две години не стапнал во Бугарија“.
Повеќе на: dw









