Министерот за економија, Крешник Бектеши, на денешната прес конференција посочи дека Владата донела одлука за прогласување на кризна состојба во енергетскиот сектор во траење од 30 дена на барање на Комисија за следење на состојбите со снабдување со електрична енергија формирана од Министерството за економија.
Како што информираше министерот Бектеши, одлуката е донесена врз основа на процената на Комисија дека постои ризик од настанување на кризна состојба поради недостиг на електрична енергија и состојбата на пазарот на електрична енергија врз основа на извештајот изготвен од МЕПСО за проценката на стабилноста на македонскиот електроенергетски систем за последниот квартал на оваа година
Тој додава дека нема да има рестриктивни мерки кои ќе влијаат негативно врз граѓаните.
Но што значи кризна состојба?
Бектеши истакна дека ќе се прогласи кризна состојба во енергетскиот сектор со единствена цел да може да се вбризгаат буџетски средства директно во енергетските компании во земјата, вклучувајќи ги и ЕСМ и МЕПСО за да се зголеми нивната ликвидност, за да може да се интервенира во увозот на струја.
Кои се пропишаните услови за прогласување на кризна состојба?
- Целосно или делумно нефункционирање на електропреносниот или електродистрибутивниот систем предизвикано од временски или природни непогоди или хаварии
- Испад на интерконективен преносен капацитет
- Распад на електроенергетскиот систем на соседните држави
- Траен испад на поголеми производствени капацитети поради хаварија или недостиг на енергенси за производство на електрична енергија и/или неможност испадот да се покрие со расположливата резерва во производство на електрична енергија
- Недостиг на електрична енергија на домашниот пазар, како и на регионалните и меѓународните пазари на електрична енергија утврден врз основа на податоци добиени од диспечерскиот центар на ОЕПС и/или ОПЕЕ
- Непредвиден значителен пораст на цената на електрична енергија за одреден временски период
Прогласена кризна состојба, што прво ќе се ограничи доколку има рестриктивни мерки?
- исклучување на сите светлечки реклами,
- осветлението на улиците, плоштадите и другите објекти се намалува до минимален сигурносен обем на осветлување,
- осветлението на излозите се ограничува до минимален сигурносен обем на осветлување и/или
- забрана за употреба на електрична енергија за додатно загревање на деловни и службени простории
TV21









