Лидерот на Движење Беса Биљал Касами денеска ја презеде фунцкијата градоначалник на Тетово. На малата церемонија во зградата на Општината, досегашната градоначалничка Теута Арифи му посака на Касами успешно да ја води тетовската општина и изрази благодарност до граѓаните не само за оние кои ѝ дале глас на овие избори, туку на сите жители од кои таа, како што рече, имаше поддршка во работењето соочено со бројни предизвици.

Касами изјави дека е свесен дека го чека голема работа и рече дека размислува да ангажира експерти со цел да се изврши ревизија на работењето на општината во изминатите години, пренесува порталот „Телеграфи“.

„Од овој момент ќе започне санирањето на моменталната состојба на општината. Ќе ангажираме специјалисти за целосна ревизија на општината. Граѓаните треба да знаат како функционирала нивната општина. Администрацијата која добро си работеше нема причини да стравува од моето доаѓање, но оние кои само примале плата, најдобро е самите да си заминат или да се пензионираат“, изјави Касами.

Теута Арифи по врачувањето на мандатот му посака успех на новото раководство на општината и им се заблагодари на граѓаните и нејзиниот кабинет за поддршката.

Арифи го водеше Тетово во два градоначалнички мандати, а во неделата, по објавувањето на првичните резултати од гласањето, излезе пред новинарите и го призна поразот, честитајќи му ја победата на Касами и порачувајќи му дека Тетово е општина со голем број предизвици.


„MKD“