Премиерот во оставка Зоран Заев најверојатно попладне ќе седне на маса со лидерите од владината коалиција за да прецизираат како ќе се дејствува понатаму. Средбата следува по оставката на Заев од премиерската и од претседателската функција на партијата, брифира за „Слободен печат“ висок функционер од Владата.
– Се уточнува терминот за средбата меѓу Заев со лидерите на ДУИ Али Ахмети, на Беса Билал Касами и на ДПА Мендух Тачи. Очекувањата се дека попладнево ќе се разговара за оставката на премиерот, за новиот мандатар, разјаснување на позициите на партнерите во Владата и како понатаму – вели функционерот.
По поразот на локалните избори, Заев синоќа поднесе оставка од премиерската и од функцијата претседател на СДСМ.









