Порано се произведуваше масовно. Дури се снабдуваа и балканските пазари и пошироко со тетовскиот грав, кој беше познат по својот добар квалитет. Но, денес и на домашниот пазар се помалку може да се најде тетовскиот грав. Земјоделците велат дека климатските промени го намалиле производството.
„Има временски промени, нема повеќе бериќет како порано, многу малку, помалку од половина. Годинава влијаеше климата. Цветовите цветаат и паѓаат, и производ има премалку“.
И тие неколку земјоделци кои садат типичен тетовски грав, велат дека го садат за лична употреба, бидејќи количината што се добива од посевите често е толку мала што не останува за продажба. Малата количина што можевме да ги најдеме на зелениот пазар во Тетово е многу скапа, речиси колку килограм месо. Продажбата е многу мала, велат продавачите, бидејќи се помалото производство ја зголеми цената, со што купувачите бараат се повеќе друг грав за поевтина цена.
„Точно е, бараат поевтин грав, но нема толку производство. Порано имав до 1000 килограми, сега едвај 100-200 килограми. Гравот од минатата годината се дава малку поефтино и го нема. Повеќе го чуваме за себе, на пример јас сум од Стримница. Порано сите садеа грав, а сега двајца-тројца, повеќето нема, сите се надвор“.
Тетовскиот грав е познат по добрите својства при готвењето, а е заштитен и од Државниот завод за индустриска сопственост каде е означено местото на производство но и неговите карактеристики.
Alsat-m








