ДУИ и ДПА постигнаа договор за меѓусебна поддршка во пресрет на вториот круг од локалните избори. Првиот човек на ДУИ, Али Ахмети очекува ДПА да ги поддржи нивните кандидати во Тетово, Теарце, Боговиње, Врапчиште, Гостивар, Струга, Чашка, па дури и во Чаир.

– Го заокруживме договорот. Јас и господинот Ахмети имавме разговори неколку денови. Договорот значи дека ДПА ќе ги поддржи кандидатите на ДУИ во сите општини, додека во Студеничани ќе имаме демократска трка меѓу нашиот кандидат и кандидатот на ДУИ, но овој пат централната власт нема да биде вмешана во кампањата за да биде битката најфер и најправедна, иако верувам дека ДПА има голема предност во Студеничани и секако ќе победиме – изјави Тачи.

На вториот круг од локалните избори кои ќе се одржат на 31 октомври, БЕСА и Алијанса за Албанците ќе се поддржат меѓусебно. БЕСА своите гласови ќе ги даде на Алијанса во општините каде што немаат кандидат – или обратно.

Движењето БЕСА ги повика своите гласачи во вториот круг од локалните избори да ги поддржат кандидатите на Алијанса за Албанците и побара и оваа партија реципрочно да возврати на вториот круг од изборите кои ќе се одржат на 31 октомври. Но, БЕСА не очекува поддршка од коалиционата партија на Алијанса за Албанците, политичката партија Алтернатива, која беше формирана по внатрепартискиот раскол во БЕСА и крилото предводено од Африм Гаши одлучи да формира нова партија.

Од БЕСА велат дека главната цел е да се поразат ДУИ и ДПА, па се надеваат на опозициските гласови во Тетово и Желино, а за возврат ги повика своите членови и симпатизери да гласаат а кандидатите на Алијанса, кои останаа во трката во неколку општини, како што се Гостивар, Струга, Дебар

Ист повик стаса и од Алијанса за Албанците. Оваа партија ја потврди меѓусебната поддршка за кандидатите за градоначалници на БЕСА. Од Алијанса ги повикаа своите членови и симпатизери да гласаат за Билал Касами во Тетово и за Блерим Сејдиу во Желино.

Тетово на 31 октомври ќе биде во фокусот на јавност за тоа кој ќе го води овој град во наредните четири години. За градоначалничката фотелја гласови бараат лидерот на БЕСА, Касами и актуелната градоначалничка на Општината, Теута Арифи од ДУИ.

„Анализирајќи ги најновите случувања на политичката сцена, како и старо-новата коалиција меѓу ДУИ и ДПА за вториот круг на локалните избори, се наметнува јасен став на движењето БЕСА против старите политики на овие две политички партии, кои без никаков принцип и против волјата на своите гласачи се принудени да соработуват само да се заштитат едни со други. Затоа, почитувајќи ги политичките принципи и потребата за промена на политичката сцена, ја изразуваме нашата подготвеност, но истовремено и апелираме во вториот круг на локалните избори сите гласачи на Движењето БЕСА да ги поддржат кандидатите на Алијанса за Албанците со што ќе помогнеме во политичкиот пораз на ДУИ и ДПА. Исто така бараме од Алијанса за Албанците реципрочно да ги повика своите гласачи да ги поддржаат кандидатите на Движењето БЕСА во Тетово и Желино. Време е за промени, политичката сцена во наредните години мора да се промени. Затоа сакаме заедно да ја водиме и да ја напаравиме ова промена“, објави Хоџа.


„Sloboden pecat/Press24/Nova“