Наскоро ќе се знае каква ќе биде казната за наставникот по англиски јазик во основното училиште „Панајот Гиновски“ во скопската населба Бутел, кој со шлаканици натепа ученик на час. За тоа ќе решаваат и наставниците во училиштето, и полицијата, а најверојатно и судот.
Инцидентот беше обелоденет во петокот, откако беше објавено видео на социјалната мрежа Тик Ток, што го снимил ученик и на кое се гледа како наставник со шлаканици удира ученик во училница, потоа го крева од земја со двете раце и агресивно го спушта, на очиглед на целото одделение. Според нашите информации, наставникот не го негирал тоа што го направил. Директорката на училиштето Камуран Реџа за „Слободен печат“ вели дека веднаш ќе биде свикана дисциплинска комисија која ќе утврдува што ќе се случува со наставникот кој долги години работи во училиштето.
– Не дозволувам насилство во моето училиште. Го видов видеото и случајот го пријавив во полиција. Разговарав со наставникот и ќе го дадам на дисциплинска комисија. Ги побарав и родителите на детето, но биле на пат и не ми одговорија. Мојата работа ја завршив, ќе постапиме според законот – вели Реџа.
Во полициската станица Чаир, каде е поднесено е писмено известување во врска со видеото, велат дека биле повикани на разговор сите лица инволвирани во случајот. Известен бил и јавен обвинител, како и државниот просветен инспекторат од каде што инспектори исто така ќе постапуваат.
За случајот реагираше и новиот градоначалник на Бутел, Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ. „Малтретирање и изживување со децата не само што не е дозволиво, туку треба најстрого да биде казнето. Директорката на училиштето и МОН да покренат постапка за отказ на наставникот, а МВР и ЈО да отворат кривична постапка. На насилниците не им е местото во училиштата“, напиша Костовски.
Во членот 143 од Кривичниот законик се вели дека тој што во вршењето на службата малтретира друг, го застрашува, го навредува или воопшто спрема него постапува на начин со кој се понижува човечкото достоинство и човековата личност, треба да се казни со затвор од една до пет години.
„Sloboden pecat“









