СКОПЈЕ (АА) – Во Македонија синоќа пристигна нова група од 149 граѓани од Авганистан, што ќе бидат привремено сместени во земјата, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Според владиното соопштение, Македонија останува посветена како дел од меѓународната хуманитарна акција за помош на граѓани од Авганистан кои во изминатиов период работеа на подобрување на човековите права, демократијата и мирот.

„Доцна синоќа на Меѓународниот аеродром во Скопје пристигна нова група од 149 граѓани од Авганистан“, се нагласува во соопштението.

Се истакнува дека граѓаните ќе бидат привремено сместени во Скопје додека не се обезбеди трансфер до нивната крајна дестинација, и се нагласува дека трошоците во целост се покриени од меѓународните организации.

„По слетувањето доцна синоќа беше спроведена стандардна процедура, безбедносна проверка и заштита, медицинска поддршка, ПЦР-тест и можност за вакцина. Црвениот крст им подели хигиенски пакети и облека, а дополнително и за лицата кои претходно пристигнаа во Северна Македонија, Црениот крст дистрибуира дополнителни средства за хигиена, зимска облека и обувки“, се додава во соопштението.

Во ова соопштение се вели дека досега во земјава пристигнале вкупно 450 граѓани на Авганистан за кои институциите прават сѐ да се чувствуваат безбедно, осигурувајќи им ја целата потребна поддршка и помош во текот на нивниот привремен престој во  Македонија.

Anadolu Agency