Учениците мора со маски по неколку часа на ден да седат во училница, додека пак на митинзите на партиите често не се почитуваат мерките против коронавирусот. Носењето маска во училница во текот на целиот ден е тешко, но и штетно за учениците, рече претседателот на Синдикатот за образование, Јаким Неделков

„Носењето маска повеќе часови во текот на денот нерекинато е навистина не само што е напорно туку сметам дека е и штетно. Од аспект на тоа што учениците со самото влегување во училиште до излегување од училиштето ги носат маските меѓутоа да не заборавиме дека и наставниците исто толку време поминуваат под маска.“, вели Неделков.

Намалувањето на дневните температурите и предизборните собири ќе ја влошат епидемиолошката состојба, смета лекарот Злате Мехмедовиќ, кој е песимист и вели дека нѐ очекува тешка есен и зима со делта-сојот на коронавирусот, кој е попренослив и позаразен.

„Тоа се крупни епидемиолошки настани и секое такво непротоколарно организирање на вакви јавни настани би требало да биде дополнителен ризик за ширење на пандемијата. Апелирам сите оние кои што влегуваат во организација на ваквите настани да внимаваат особено на таквите делови, внимавајќи на протколите за контрола на трансмисијата на вирусот.“, рече Злате Мехмедовиќ.

Министерката за образование и наука, Мила Царовска, вчера информираше дека бројките на новозаразени со коронавирус во училиштата се движат од 0,01 до 0,03 дневно, а активни случаи се 0,26 проценти од вкупно 240 илјади ученици во основното и средното образование кои наставата секојдневно ја посетуваат со физичко присуство.

„Министерството за здравство излезе со став дека во моментов не препорачуваат промена на моделот на настава, но дека подготвуваат скрининг на ученици, изјави Царовска додавајќи дека се во комуникација со Комисијата за заразни болести и со Министерството за здравство, а кога процесот ќе почне јавноста ќе биде информирана.“, рече Царовска.

Во светот пак, сите ученици кои сакаат да посетуваат настава во државни или приватни училишта ќе мора да бидат вакцинирани, соопшти вчера гувернерот на оваа американска сојузна држава Гевин Њусом. Одлуката се однесува на шест милиони ученици и студенти во Калифорнија, која е најнаселената држава во САД.


Tv „21“