Скоро 7.500 студенти се потпишаа на петиција со која бараат МОН да најде соодветно решение за покачените стипендии да важат за сите студенти, а не само за оние кои аплицираат за првпат.

Студент кој сега добива стипендија од државата и сака да се пријави за нова, покачена, ќе мора да се откаже од старата, што предизвикува страв кај студентите да не ги загубат парите кои сега ги добиваат.

-Најавата беше пречекана со голема радост од сите студенти, но со објавувањето на конкурсот стана јасно дека покачените стипендии нема да важат за сите студенти, односно покачени стипендии ќе можат да добиваат само кандидатите кои за првпат аплицираат за државна стипендија. Студентите кои се веќе корисници на стипендија ќе продолжат да ги земаат старите (пониски) суми, се вели во петицијата.

Министерката Царовска вели дека промена на веќе поставениот систем за доделување стипендии не е возможна бидејќи студентите веќе потпишале договори. Но, вели дека стипендиите се отворени за сите оние сметаат дека исполнуваат услови.

-Во тој договор се правата и обврските и на министерството и на студентот. Друг начин за промена на овој систем не е возможен. Ретроактивно поместување на веќе склучени договори не е возможно во правниот систем. Но сметам дека секој оној којшто смета дека треба да аплицира во новиот систем може да го оствари истото независно од тоа во која година од студиите се наоѓа денеска, вели Царовска.

Студентите денеска за првпат по година и половина се вратија во амфитеатрите. Согласно протоколоите, секој факултет одредува каков модел на настава ќе користи.

Sitel