Во модуларниот ковид-центар во Тетово немало ни противпожарен апарат, ниту пак систем за гаснење пожари, тврди Емши Ибим кој ги загубил својот татко и брат во пожарот.
Катастрофалниот пожар го затекнал Емши Ибим во тетовскиот ковид-центар додека се грижел за својот татко и брат кои биле болни од коронавирусот. Неговите најблиски загинале во несреќата, а Ибин, иако се обидувал, не успеал да ги спаси од огнената стихија.
За медиумите на албански јазик тој во петокот раскажа дека во прв момент имало обиди за гаснење на пожарот, но присутните не успеале да најдат ниту противпожарен апарат во модуларната болница.
Емши Ибим од селото Синичане шест дена се грижел за членовите на неговото семејство во болницата затоа што, како што вели, немало доволно персонал.
Во моментот кога почнал пожарот тој бил внатре во центарот и се обидувал да го извлече својот брат. Но густиот црн чад го спречил во намерата и морал и самиот да бега.
„Баравме апарати за да го изгаснеме пожарот, но немаше ниту еден, ниту пак систем за гаснење пожари“, раскажува Ибим.
„Пожарот започна од собата број 3, се прошири во собата број 2, и после во собата број 1. Немавме можност ништо да направиме. За малку ќе останав и самиот внатре.”
Модуларната болница тој ја опишува како „пластична барака со стиропор“ низ која пожарот се ширел многу брзо.
„Со мои очи видов сѐ“, вели Ибим. „Сите пациенти што беа внатре ги видов со свои очи како вриштат. Тие што велат дека имало противпожарен систем- лажат“, вели Ибим.
Во пожарот во тетовскиот ковид-центар досега е потврдена смртта на 14 луѓе, а 12 пациенти беа повредени. Истрагата, засилена и со странски експерти, треба да утврди што го предизвикало пожарот и зошто целиот објект изгорел за само неколку минути не оставајќи им шанса на многу пациенти да се спасат од катастрофата.
DW









