Германски експерти од Федералната криминалистика (Bundeskriminalamt) пристигнуваат деновиве во Македонија за да ја помогнат истрагата околу пожарот во модуларната ковид-болница во Тетово, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во писменото соопштение од Владата на Македонија се наведува дека утрово е потврдена поддршката од НАТО-сојузникот Германија, со што се одобрува во земјава да пристигнат стручни лица со највисок степен на експертиза во истраги при несреќи за да помогнат во утврдувањето на причините за пожарот во модуларната ковид-болница во Тетово.
Станува збор за експертски тим кој доаѓа од Германија, поточно од Бундескриминаламт или Федералната криминалистичка полиција (БКА) (https://www.bka.de/EN/Home/home_node.html), чиј делокруг на работа е токму во национална и меѓународна соработка, истраги, истражувања и развој.
Според соопштението, БКА е со висока експертиза во поддршката при истраги, особено во делот на форензички науки, ДНК-анализи, електронски истраги и идентификација.
„Во специјалните задачи кои ги работи БКА е и тим кој работи на истраги со жртви во катастрофи и несреќи“, се нагласува во соопштението и се додава дека станува збор за институција која во Германија има 60-годишна традиција на дејствување, со околу 7.000 вработени.
Тимот експерти ќе соработува со МВР и ќе ја помага истрагата која ја води ОЈО.








