Одлучивме да примиме поголема бројка на бегалци затоа што имаме повеќе срце, истакна претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, јавува Агенција Анадолија (АА).
На денешното одбележување на отпочнувањето на изградбата на првиот висечки мост во Скопје, Заев на новинарско прашање за прифаќањето на поголема бројка на бегалци од Авганистан рече дека Северна Македонија е регион каде што народот, додека живеел, растел и стареел, паралелно трпел конфликти, поради што знае што е солидарност.
„Еден човек да спасиме, мислам дека го спасуваме светот. Даваме солидарна помош, ние се јавивме и ние се понудивме заедно со нашите стратешки партнери како земја согласно нашите можности и капацитети, солидарно да го споделиме тоа што значи одговорност, принципи и вредности со демократскиот свет во делот на прифаќањето луѓе од Авганистан кои се под закана за губење на своите животи“, изјави Заев.
Премиерот најави дека сместувањето на бегалците од Авганистан, Северна Македонија ќе ја чини 74 илјади денари, за да ги покрие трошоците околу сместувањето, храната и сѐ што е поврзано со нив.
Тој додаде дека се надева дека нивното пристигнување ќе се случи овие денови, со оглед на тоа дека ситуацијата на аеродромот во Кабул е компликувана.
Во однос на бројот на бегалците кои треба да пристигнат во Северна Македонија, премиерот истакна дека бројката никој не ја знае, бидејќи дел од оние бегалци коишто биле потврдени, се откажани затоа што заминале на некоја друга дестинација.
„Не можеме да ги потврдиме точно кои ќе бидат бројките, но многу е важна пораката и подготвеноста на една мала земја, во срцето на Балканот, која солидарно, рамноправно, рамо до рамо со целиот демократски свет ја испрати пораката на човечноста, хуманоста и солидарноста и меѓусебното споделување на одговорноста во амбицијата за спасување човечки животи“, рече Заев.
Потсетуваме дека откако талибанците на 15 август ја презедоа контролата врз главниот град на Авганистан, Кабул, голем број Авганистанци одлучија да ја напуштат земјата, меѓу кои и цивили кои им помагаа на странските војници или групи.









