При гласањето со отпечаток од прст мора да се примени високо ниво на технички мерки и анализа на ризик. Само така, шансите за злоупотреба на податоците на граѓаните ќе бидат сведени на минимум, сугерираат од Агенцијата за заштита на лични податоци, по сомнежите кои се појавија во јавноста за фирмата која е избрана на тендерот за набавка на биометриски апарати.
„360 степени“ објави дека компанијата „Дермалог„,која е одбрана од ДИК на тендерот за набавка на биометриските апарати, има проблематично искуство со изборите во Авганистан пред две години. Конечните официјални резултати се објавени пет месеци по изборите поради конфликтните податоци за бројот на тие што гласале, како и бројот на валидни и на поништени гласови. Најспорна била разликата во првично соопштениот број за излезност од околу 850 000 гласови. Серија несовпаѓања имало и околу бројот на оние што гласале повеќепати, па нивниот глас е поништен, како и за бројот на оние чиј глас е прогласен за неважечки поради други проблеми.
Тоа е единственото изборно искуство на „Дермалог“, која е најголема германска компанија во областа на биометриска идентификација, но на нивната интернет страница нигде не се спомнува дека работеле и во Авганистан. Работеле на биометриско банкарство во Нигерија, на лични карти во Брунеи, на инсталација во Камбоџа, лични карти во Бразил, пасоши на Малдиви, гранична контрола во Сингапур, возачки дозволи на Филипини.
На тендерот се пријавени четири компании, но Комисијата за јавни набавки во ДИК, оценила дека германската компанија дала најдобра, односно најевтина понуда.Одбиените компании се од Македонија, БиХ и Венецуела. Претседателот на Комисијата, Оливер Ристевски, денеска не беше достапен да одговори на нашите прашања, зошто токму таа компанија е избрана. Претседателот на ДИК, пак, не сакаше да даде изјава додека постапката не заврши и официјално. Вели дека проверките на компанијата ги вршеле од Комисијата за јавни набавки.
По изборот на „Дермалог“, тече рокот од 10 дена за жалби. Поради кратките рокови, доколку само една од одбиените компании се жали, нема да има нов тендер и на локалните избори нема да се гласа со отпечаток од прст.
Telma









