Македонскиот олимписки комитет го претстави нашиот тим за Олимписките игри составен од 8 спортисти: Дејан Георгиевски во таеквондо, пливачите Миа Блажевска Еминова и Филип Деркоски, Јован Стојкоски во атлетика, Арбреша Реџепи во џудо, Борјан Бранковски во стрелање со воздушен пиштол, Пуликсенија Јовановска во карате и Могамеџи Нуров во борење. Токму кај последниов се појави проблем. Имено, него ќе го претставува тренерот Могамед Ибрагимов, а не селекторот предложен од Македонската борачка федерација, Љуљзим Вренези.

Од друга страна, Вранези, ја откри електронската пошта испратена од боречката Федерација до Олимпискиот комитет, во која како тренер на Нуров стои неговото име.

„Јас го водам Нуров од 2015 година. Боречката федерација го испрати списокот пред 3 месеци за учество на Олимписките игри во Токио. Таму сме јас и Могамеџи Нуров“, рече Љуљзим Вренези, селектор на Македонија во борење.

Вренези верува дека знае кој стои зад оваа, како што вели, неправда.

„Тука излегува сомнително дека Даниел Димевски, предводен од Сашо Поповски, кој е во Олимпискиот комитет и секретар и директор и благајник, сè е Сашо Поповски, кој до вчера ни ги крадеше стипендиите за три мандати. Мојот прв чекор е дека ќе го известам Меѓународниот олимписки комитет, кого го информирав два-три пати дека не сум на списокот и никој друг не може да го претставува Нуров на Олимписките игри. Второ, дека со личниот адвокат на Федерацијата ќе го тужиме Олимпискиот комитет предводен од Сашо Поповски“, додава Вренези.

Според Вренези, Нуров не контактирал со него цели 2 месеци и оти со овој, како што вели, скандал, тој може да го загуби учеството на Олимпијадата. Инаку, составот на Македонија за Токио лета во 3 групи. Дејан Георгиевски и Арбреша Реџепи ќе бидат носители на знамето на свеченото отворање на 23 јули.


„Alsat-M“