РАДОВИШ (АА) – Со донација на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) денеска во Радовиш е отворен „Паркот на пријателството Турција и  Македонија“, јавува Агенција Анадолија (АА).

Новиот детски парк на просторот зад Основниот суд во Радовиш ќе го носи името Тошко Кукутанов, лицето симбол на пријателството помеѓу Турција и Македонија.

На свеченото отворање на „Паркот на пријателството Турција и  Македонија“ присуствуваа амбасадорот на Турција во Скопје, Хасан Мехмет Секизќок, експертот на ТИКА за Балкан и Источна Европа, Хулја Кирмизиѓул, координаторот на ТИКА во Скопје, Халим Омер Согут, директорот на Институтот „Јунус Емре“ во Скопје, Серхат Кула, градоначалникот на Радовиш, Герасим Конзулов, Хусрев Емин, претседателот на Сојузот на турските невладини организации во Македонија (МАТУСИТЕБ), и голем број граѓани на Радовиш.

Амбасадорот на Турција во Скопје, Хасан Мехмет Секизќок, во своето обраќање пред граѓаните истакна дека е многу среќен поради присуството во Радовиш на отворањето на „Паркот на пријателството – Турција – Македонија“.

„Децата се гаранција на нашата иднина. Посакуваме децата после долги години во иднина да се сеќаваат на среќните мигови поминати со нивните другарчиња од периодот на детството. Сигурен сум дека и вие како мене ја доживувате возбудата дека овој парк ќе придонесе нашите деца да имаат убави спомени, зближувања и блиско другарство“, нагласи Секизќок.

Тој, исто така, додаде дека овој детски парк ќе биде добра прилика за вечно сеќавање на вкоренетите братски и пријателски врски помеѓу народите на Турција и  Македонија.

Координаторот на ТИКА во Скопје, Халим Омер Согут, истакна дека „Паркот на пријателството – Турција – Македонија“ ќе даде важен придонес за социјалниот живот на децата од Радовиш.

„Тука каде што сме сега, го изградивме овој парк за пријателство, што е важен придонес и за децата од регионот и за самата општина, а исто така го носи името симбол Тошко Кукутанов. Се надеваме дека овој парк ќе служи многу години и ќе даде важен придонес во развојот и во социјалниот живот на нашите деца“, рече координаторот на ТИКА.

Меѓу другото, Согут, нагласувајќи дека ТИКА во регионот има спроведено голем број инфраструктурни проекти, рече дека ТИКА во регионот реализира проекти без да прави разлика меѓу расата, јазикот или религијата на граѓаните, како што е проектот за развој на пчеларството и проектот за стакленици.

Градоначалникот на Општина Радовиш, Герасим Конзулов, потсети дека изградбата на детското паркче е договорено на последната средба со координаторот на ТИКА, и додаде дека тоа е изградено во рок од еден месец.

Конзулов изрази и голема благодарност до директорот, г. Согут, и до Амбасадата на Република Турција во Македонија.

„Во оваа прилика би сакал да нагласам дека во мојот 4-годишен мандат како градоначалник на Радовиш во населените места со доминантно турско население се реализирани доста комунални проекти“,истакна градоначалникот Конзулов.


„Anadolu Agency“