Наредниве неколку дена веќе ќе се знае новата цена на струјата. Тендерот од кој најмногу ќе зависи можната промена ќе биде објавен утре. Што ќе понуди ЕСМ на ЕВН ХОУМ не се открива, но претходно од Владата тврдеа дека поскапување нема да има, а како олеснување за граѓаните се најави и намалување на ДДВ-то за струјата од 18 на 5% кое ќе стартува од 1 јули.
Во меѓувреме Регулаторна ги разгледува и барањата на енергетските компании, кои побараа значајни поскапувања. Сепак во интервју за Радио Слободна Европа претседателот на РКЕ Марко Бислимовски тврди дека барањата нема да бидат прифатени.
„Уште од сега најодговорно можам да кажам дека тоа што е побарано нема да биде прифатено и Регулаторната комисија за енергетика ќе си прави анализи врз основа на кои, очекувам во наредните десетина дена, да излезе со конечни пресметки. Она што е битно да се знае дека Регулаторната комисија за енергетика на крајната цена влијае со 38%. / Во овој момент додека не се одржи тендерот на кој ЕЛЕМ треба да понуди на ЕВН хоум не можеме да кажеме каква би била цената на електричната енергија.“ истакна за РСЕ Марко Бислимовски, претседател на РКЕ
Активистите пак сметаат дека граѓаните сепак нема да видат „фајде“ од намалувањето на ДДВ-то, бидејќи тоа нема да биде трајно туку само привремено, а доколку Власта навистина сака да ги намали сметките за струја, според Марјан Ненов, тоа може да го реши на друг начин.
„Ова намалување треба да биде трајно а не привремено, доколку биде трајно навистина ќе видиме бенефит од тоа, вака е само замачкување. / Има уште нешто што може да го направи власта ако сака навистина да ги намали сметките,тоа е укинување на субвенции за малите хидроцентрали бидејќи сметам дека тие се доста штетни. За 4, 5% таму можат да ги намалат сметките.“ изјави за Канал 5 Марјан Ненов, активист
А, она што веќе е познато е дека евтината тарифа ќе остане. Укинување – енергетските компании не побарале, но и да бараат Регулаторна тоа нема да го дозволи. Бислимовски претходно кажа и дека според првичните анализи, ако се прифатат барањата на компаниите – трошоците кои ги имаат домаќинствата сега за сметки од 1 000 денари, ќе се зголемат за 50 денари.
Новата цена на струјата ќе важи од први август годинава. Лани по барање на државните енергетски компании – сметките за струја поскапеа за 7,4%.
„Kanal 5“
