Аферата за која објави МИА извади на површина нова манипулација со продавање на станови. Агент за недвижности земал капар од тројца различни купувачи за еден ист стан, 5.500, 4.500 и 1000 евра.

Според сознанија на Канал 5, агентот се обидел да им продаде станови на повеќе исти купувачи во зграда во населбата Кисела Вода. Станува збор за агенција која активно учествува на пазарот и својата понуда на станови за продавање и издавање редовно ја презентира преку социјалните медиуми додека до официјалната веб страницата за повеќе информации за компанијата не може да се пристапи.

Измамените купувачи се посомневале во моментот кога купопродажниот договор требало да се однесе на нотар, а агентот поради разни оправдувања не можел да се сретне со нив. По ова оштетените купувачи почнале да ги бараат сопствениците на становите наведени во договорите и нотарот кој им го посочил агентот. Така дознале еден за друг и им станало јасно дека се работи за измама. И дека сите платиле за еден ист стан. Оштетени се и други двајца купувачи кои платиле капар од 8000 и 5000 евра, за годинава во март уште еден купувач со 8000 евра оставен капар дознал дека бил измамен.

Оштетените купувачи на крајот на март успеваат да се сретнат со агентот и веднаш го пријавиле во полиција. Во полициска станица тој им ветил дека ќе им ги врати парите што во следните десетина дена не се случило. Пред полицијата агентот признал вина за сторената измама, но и покрај тоа ќе одговара кривично. Кривични пријави против него се поднесени во МВР кое пак веќе во известило Обвинителството, од каде велат:

Кога ќе ги добиеме кривичните пријави ќе бидат разгледани, по што ќе се пристапи кон утврдување на наводите во нив.

Довербата во бизнисот со недвижности во земјава досега неколкупати беше сериозно доведена во прашање. Од повеќето измами свежи се сеќавањата на милионската градежна афера Фиком, по која следуваат и уште неколку други а оштетени граѓани со години водеа битка пред судовите во обид да добијат правда.

Kanal5