Агенцијата за храна и ветереринарство се огласи по објавата на вознемирувачките фотографии од глушец најден во „царски микс“ купен од КАМ маркет. Оттаму велат дека е наредено производот да биде повлечен од сите рафотови во државава.
Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Николче Бабовски потенцира дека АХВ ќе изврши вонредни инспекциски надзори и ќе провери дали пласираните количини од овој производ се повлечени од малопродажната мрежа. Извршени ќе бидат и органолептички прегледи на одредени примероци, од секоја серија/лот на овој производ. Примероци за контрола на микробиолошките критериуми за безбедност на производот ќе бидат испратени за лабораториско испитување.
„Агенцијата за храна и ветеринарство ги известува потрошувачите доколку купиле ваков производ, пред консумација внимателно да го отворат и прегледаат и доколку утврдат присуство на страни тела, истиот производ да го вратат на местото на купување и за тоа да ја известат АХВ“, соопштија од АХВ.
За случајот кој беше објавен викендов на социјалните мрежи, до Агенцијата не е поднесена претставка. Како одговорна институција за безбедноста на храната, апелираме ваквите случаи место на социјалните мрежи, да се пријавуваат кај надлежните институции, велат од АХВ.
Sloboden Pecat








