ВАСИЛЕВО (АА) – Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) во Општина Василево, југоисточниот дел на Северна Македонија, донираше опрема за пластеници за 140 семејства, јавува Агенција Анадолија (АА).
На свеченоста за дистрибуција на опремата присуствуваа амбасадорот на Турција во Скопје, Хасан Мехмет Секизќок, координаторите на ТИКА и на Институтот „Јунус Емре“ во Скопје, Халим Омер Согут и Серхат Кула, директорот на Фондацијата „Маариф“ во Северна Македонија, Мустафа Дилиоглу, градоначалникот на Општина Василево, Марјан Јаневи и голем број жители од општината.

Во своето обраќање пред жителите на Василево, амбасадорот Секизќок истакна дека ги носи поздравите и најубавите желби од претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, од турскиот народ и од почитуваниот министер за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу.

„Турција од денот на стекнување на независноста на Македонија отсекогаш била покрај неа. Нашето присуство денес овде е манифестација на ова разбирање. Отсекогаш ја обезбедувавме поддршката што ѝ е потребна на Македонија во областа на производството и вработувањето. И понатаму ќе продолжиме да поддржуваме во рамките на нашите можности. Никој не треба да се посомнева во тоа“, нагласи амбасадорот Секизќок, додавајќи дека ќе продолжат да го носат на овие простори искуството на Турција во областа на земјоделството.
Координаторот на ТИКА во Скопје, Халим Омер Согут, потсети дека ТИКА со 62 канцеларии во 60 земји на пет континенти во светот работи за реализација на проекти за одржлив развој.
„Главната причина зошто сме овде е реализацијата на проектот за пластеници во земјоделството, што е од големо значење, со цел да се зголеми квалитетот на животот на нашите граѓани што живеат во руралните области и да се зајакне нивната економска моќ“, нагласи Согут.
Во овој контекст, како што рече тој, за вкупно 140 семејства кои се занимаваат со земјоделство донирана е опрема за пластеници за да се обезбеди одгледување на високопродуктивна сорта на зеленчук, односно пиперка и домат.
Градоначалникот на Општина Василево, Марјан Јанев, истакна дека за него претставува особена чест и задоволство што е домаќин на денешниот настан, и дека се финализира проектот за пластеници, односно опремата за пластеници што се состои од железна конструкција, најлон, систем капка по капка и семе.
„Како градоначалник на Општина Василево изразувам голема благодарност до Амбасадата на Република Турција во Северна Македонија, а особено до турскиот народ со кој отсекогаш сме пријатели и имаме одлична соработка“, нагласи градоначалникот Јанев.
Anadolu Agency










