Министерот за здравство вели дека размислуваат за кинески вакцини, додека ги чекаат фајзеровите и вакцините преку ковакс. Три дена претходно, премиерот Зоран Заев рече дека Македонија е членка на НАТО и затоа бара западни вакцини. За да набавиш вакцини треба да си трговец, вели доктор Пановски.
Додека се чекаат вакцините од Фајзер и преку ковакс механизмот, властите ја разгледуваат можноста за набавка и на кинески вакцини. Министерот за здравство Венко Филипче вели дека не би требало да претставува проблем тоа што кинеските вакцини не се одобрени од Европската агенција за лекови (ЕМА), затоа што документите се сосема соодветни.
Премиерот Зоран Заев, пак во петокот, на 22 декември, во интервју за емисијата Трилинг на ТВ 24 рече дека кога станува збор за вакцините, повеќе се држaт за западниот свет.
„Србија нема аспирации за НАТО и нормално повеќе е отворена кон источниот свет Кина и Русија и прави договори со нив. Ние сме нова членка на НАТО, генерално се држиме кон западниот свет и вакцините потврдени од тамошните здравствени институции“, оцени премиерот.
Агенцијата на ЕУ за лекови досега ги одобри вакцините на Фајзер/Бионтек и на Модерна, но не и кинеските вакцини. Но, земји од ЕУ аплицираа за кинески вакцини, како на пример Унгарија.
Професор Никола Пановски вели дека ЕМА не одобрува ништо што е индиско, руско, кинеско, не постои таков лек што го одобрила, ниту пак овие сакаат да им биде одобрено. Тој вели дека со пандемијата се сменија многу работи, Западот, вклучувајќи ги и САД, катастрофално се справуваат со пандемијата, Западот се обрука, па не е толку невообичаено да ја вртиме главата кон Истокот, но медицински, не политички.
„Да гледаме и на производите од Исток, оти факт е дека даваат резултати, така што мислам дека и вакцините не треба да се потценуваат, особено кога ги немаме западните и особено ако се десетина пати поевтини“, вели тој.
Повеќе на РСЕ







