Лани 6214 компании биле затворени, а 17.026 лица останале без работа. Според упатените, добро е што не се затвориле многу фирми, бидејќи отпуштените ќе имаат каде да се вратат на работа. Владата за наредниот месец го најави петтиот сет мерки за спас на економијата.

Бројот на згаснати фирми во минатата година е во рамки на просекот, за разлика од бројот на невработени лица кој забележа раст поради пандемијата на коронавирусот. Во минатата година биле згаснати 6214 компании. Во исто време, работата поради корона кризата ја загубиле 17.026 лица или во просек месечно по околу 1400. Бројот на новоосновани фирми лани ,исто така, се движи во просекот од изминатите неколку години, односно регистрирани биле 7077 фирми.

Секако дека цената за време на корона кризата ја плаќаат сите, а најпогодени се помалите компании кои се помалку ликвидни и неспремни да опстојат во вакви предизвици, вели економскиот аналитичар Арбен Халили, Мерките на Владата, според него, не биле доволни за да се справат компаниите соодветно со кризата и на прв удар се вработените. Но, како што додава Халили позитивен е и фактот што со исто темпо и за време на пандемија се отвораат фирми.

„На крај останува позитивна нула условно кажано, ако се согледа фактот дека овие мерки кои се болни за фирмите и вработените резултираат со привремено отпууштање на луѓе коишто после поминувањето на оваа криза ќе може да се вратат назад, наместо да бидат затворени компаниите. Затворање на компанија подразбира дека сите отпуштени луѓе нема да може да се вратат назад на своите работни места“, вели Халили.

Причината за затворањето на најголем дел од компаниите, според Централниот регистар, е поради тоа што не доставиле годишна сметка и финансиски извештаи. Доколку се споредат податоците за изминатите 4 години излегува дека во 2020 година најмалку компании ставиле клуч на врата. Во 2017 најмногу фирми биле избришани од списокот на Централниот регистар или 10.628. Потоа следи 2019 со 7234 и 2018 година со 6864 фирми.

„И покрај тоа што пред нас беше година проследена со потешкотии предизвикани од пандемијата со ковид 19, официјалните податоци кои единствено како релевантни ги поседува базата на Централен регистар, покажуваат дека 2020 година сепак се задржа во рамките на просекот- како за новоосновани правни субјекти, така и за оние кои згаснале“, велат од Централниот регистар.

Вкупно бројката на невработени, како што се наведува во податоците на Агенцијата за вработување, минатата година изнесува 156.432 лица. Лани во февруари пред пандемијата имало 105.816 невработени и доколку се одземе со бројката во декември излегува дека работа загубиле 50.616 граѓани. Но, според Агенцијата за вработување, само една третина од нив добиле отказ поради корона кризата.

Повеќе на:РСЕ