Православните христијани во Република Северна Македонија денеска го одбележуваат Бадник (Коледе), денот пред празникот Божиќ, јавува Агенција Анадолија (AA).

Традиционално, Бадник се одбележа со собир во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, што започна со бадниковата химна и со кревање на бадниковото знаме.

На манифестацијата присуствуваа голем број граѓани, а свештениците од Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ ги осветија бадниковите гранчиња и погачата.

Откако беа осветени бадниковите гранчиња, им беа поделени на верниците.

Литургијата во Соборниот храм се одржа со спроведување на мерките и препораките за заштита од Ковид-19.

– Бадник се одбележува и во Косово

Во земјите од регионот, меѓу кои и во Косово, се одбележува празникот Бадник.

Србите во Косово и оваа година утрово одеа во блиските шуми по бадникови гранчиња, што се внесуваат во куќите вечерта на Бадник.

На Бадник некој од членовите од семејството заминува во шума и носи гранка младо церово или дабово дрво, со што започнува прославата на Божиќ.

Србите од Општина Грачаница, недалеку од Приштина, традиционално на Бадник одат во блиските шуми покрај езерото Бадовац да сечат дрвја. Патролите на Полицијата на Косово го надгледуваа сечењето на бадник и се грижеа да помине во мир и без инциденти.

Полагањето и палењето на бадникот ќе се изврши попладне на портата на манастирот „Грачаница“.

Во Косово на сила се мерките што Владата ги воведе со цел спречување на ширењето на Ковид-19.

Забрането е собирање на повеќе од четири лица на јавните места.

– Одбележување на Бадник

Според христијанската традиција, првите гласници на празникот се коледарите, децата кои ја носат веста за доаѓањето на празникот Божиќ, кои в зори тропаат на вратите на домаќинствата најавувајќи го празникот, и за тоа се дарувани.

На Бадник завршуваат божиќните пости. Христијанските семејства за Бадник во вечерните часови се собираат околу заедничка бадникова трпеза, и според традицијата, оваа вечер не се оди на гости.

Се подготвува богата посна трпеза, a се прави и лепче или пита во која се става паричка. Се верува дека оној на кого што ќе му се падне паричката ќе го следат среќа и бериќет во текот на годината.

Исто така, ноќта пред Бадник се става бадниково гранче на секоја врата, што според христијанското верување носи здравје за целото семејство.