Бучковски: Не знаеме дали ќе се случи чудо за една недела, но ќе се бориме до крај

by Administrator

Специјалниот претставник на Владата во разговорите за решаваање на проблемот со Бугарија, Владо Бучковски, на денешната прес – конференција со министерот за надворешни работи Османи, изјави дека е убеден дека ќе се најде решение, но тоа можеби нема да се случи во наредниве седум дена.

– Можеби ќе биде потребно дополнително време, но сме на вистинскиот пат. Јас заради моето искуство нема да прифатам со нашите бугарски пријатели да ги испраќаме пораките преку медиумите – рече Бучковски.

Тој вели дека до последен момент ќе се бори за да се изнајде решение.

– Јас се надевам дека со моето искуство, со довербата која ја имам и во бугарската јавност, ќе бидам јасен сигнал на посветеноста на нашата Влада во исполнувањето на преземените обврски од Договорот за пријателство и соработка. Со задоволство го прифатив овој предизвик затоа што сум убеден дека можеме да стигнеме до решение кое ќе го деблокира процесот, а од друга страна ќе биде во духот на европските вредности со целосно почитување на нашето достоинство – вели Владо Бучковски.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи изјави дека со ваквиот чекор се пополнува дипломатската празнина, бидејќи немаме назначено амбасадор во Софија.

–  Создаваме низа механизми за да ја засилиме довербата меѓу двете земји. Работиме и на дополнителни форми на акциски планови за суштински да покажеме намери да ја засилиме улогата на Договорот за пријателство, неговата ефикасност и имплементација – рече Османи.

Извор:НоваТВ

You may also like