Со транспаренти „Немаат совест, сакаме сопирачки“, „Стоп за патот на смртта“, „До кога ќе гинат невини луѓе?“, „Крени го својот глас за посигурно утре“, жителите на Трубарево и на околните места излегоа на мирен протест. Причината за протестот е сообраќајката со две жртви, која се случи пред неколку денови и во која пијан возач усмрти 10-годишно дете и 40-годишен маж.

Организаторите на протестот изјавија дека до Собранието ќе поднесат барање, односно граѓанска иницијатива, со која ќе побараат измени во Законот за сообраќај.

„Секој сообраќаен прекршок што ќе предизвика смртни последици, а во кој возачот е под дејство на алкохол, дрога или други психотропни супстанции, да се третира како убиство со умисла, со што ќе се избегне злоупотреба на условната казна“, рекоа организаторите на протестот.

Жители на Трубарево и на околните места бараат секојдневна радарска контрола од МВР и поставување соодветна сообраќајна сигнализација.

Минатата недела пијан возач на патот во Трубарево усмрти дете кое стоело на автобуска постројка и маж кој по улицата се движел со мопед.

Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против 72-годишниот возач, кој е осомничен за кривично дело „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик“.

Тој го управувал возилото во алкохолизирана состојба со содржина на алкохол во крвта од 1,78 промили и содржина на алкохол во урината 2,43 промили. По ова, возачот Д.Д. заврши во притвор.

На истиот патен правец сообраќајка со жртва се случи и пред неколку години. На 20 септември 2016 година Јонче Давитковски со автомобил под дејство на алкохол го усмрти 19-годишниот велосипедист Христијан Крстевски.

Sloboden Pecat