Министерството за внатрешни работи на Република Македонија соопшти дека е сузбиена организирана криминална група што криумчарела мигранти, при што се преведени 10 лица, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Портпаролот на Министерството завнатрешни работи Тони Ангеловски соопшти дека денеска, на 15 октомври, спроведена е координирана полициска операција со цел расчистување на кривични дела кои се однесуваат на организирање на група за вршење на кривични дела криумчарење мигранти.

Како што изјави тој, криминалистичка истрага над организираната 12-члена криминална група, која подолг временски период делувала на тeриторија на Република Македонија, се спроведувала во изминатите десетина месеци, од страна на Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе, во периодот од декември 2019 година досега.

„Организаторите на криминалната група М.С., неговиот син С.С. од Богданци, А. А. од Скопје и А.М. од село Лојане-општина Липково, во соработка со лица од Грција, организирале криминална група со која на територијата на Република Северна Македонија, во временски период од декември 2019 година досега, организирале криумчарење на околу 100-тина илегални мигранти, при што се стекнале со значителна противправна имотна корист. Најголем број од мигрантите биле по потекло од Aвганистан, Пакистан, Сирија, Иран, Египет и други земји од Блискиот и Средниот Исток, кои претходно престојувале на територија на Грција“, информира Ангеловски.

Портпаролот на МВР објасни дека врз основа на претходен договор помеѓу организаторите на криминалната група, мигрантите на територијата на Република Северна Македонија биле пренесувани од територијата на Грција, преку илегални премини на т.н. „зелена граница“ во околината на Гевгелија и Дојран, од каде потоа со помош на водичи т.н. „качаци“, биле доведувани на претходно утврдени и договорени локации, по што членовите на организираната криминална група ги прифаќале и со возила ги превезувале до одредени локации во Кумановско-липковскиот регион.

„Организаторот на криминалната група од Кумановско-Липковскиот регион, го организирал нивното прифаќање и времено сместување во објекти на членови, криминални соработници и помагачи на криминалната група, а кога ќе се створеле услови, мигрантите биле прокриумчарени преку границата со Србија, а оттаму кон државите од Европската унија. Цената на транспорт по лице изнесува од 500 до 700 евра”, рече Ангеловски.

Меѓу другото тој информираше дека се извршени претреси во вкупно 10 објекти лоцирани на подрачје на Гевгелија, Скопје, Штип и Куманово, а лишени од слобода беа 10 лица, додека еден веќе издржува мерка притвор, за претходно сторено кривично дело „криумчарење мигранти“.

Поднесени се кривични пријави против 12 лица за сторени кривични дела „Организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти“ и „Криумчарење на мигранти“.

Anadolu