Се следат сите ситуации кои би можеле да прераснат во сериозен проблем, а посебно нов бран на мигранти, заклучи Советот за национална безбедност на својата осма одржана седница.

„Советот заклучи дека состојбата во земјата и регионот е стабилна и дека нема индиции дека би можел да биде загрозен нашиот територијален интегритет и сувениритет“, посочи Стево Пендаровски.

Како најголемата криза со која моментално се соочуваме била потенцирана пандемијата од коронавирусот. Пендаровски потенцираше дека таа продира во сите сектори, предизвика штети врз здравството, економијата, но засега немало закани по безбедноста на државата.

Втора точна на дневниот ред за која се дискутирало е поврзана со воведување на 5Г технологијата во Македонија. Претседателот потенцираше дека сега, како членка на НАТО сме обврзани да ги следиме протоколите на Алијансата.

Како членка на НАТО, вели Пендаровски, сме обврзани стриктно да ги следиме сите безбедносни протоколи на алијансата, и тоа како во однос на безбедносниот беграунд на лицата, на луѓето кои работат на чувствителни места во државниот апарат, така и во однос на воведувањето дигитални технологии и корпорации како нивни носители кои имаат цели и вредности кои се некомпатибилни со целите и вредностите на западната алијанса.

„Во тој дел одиме прво со меморандум за разбирање кој ќе биде потпишан, по што ќе биде определена главната магистрала по која ќе се движиме, во која ќе кажеме начелно кој може, а кој не да влезе во трка да ја обезбедува таа технологија на територија на нашата држава“, истакна Стево Пендаровски.

По ова ќе треба да се изврши и промена на серија закони, бидејќи такви обврски и потреби досега немаше во државата. Ќе се менува законот за електронски комуникации, законот за јавни набавки во областа на одбраната.

TV21  – Foto-Forbes