Амбасадорот на Република Народна Кина, Џанг Ѕиу, во текот на средбата со првиот вицепремиер на Владата, ја отвори темата за 5Г мрежата и дигиталните комуникации, но зборуваше и за компанијата Хуавеи и ЗТЕ.
Во врска со тоа реагираше амбасадата на САД во Скопје. Од таму велат дека не може да им се верува на уредите кои ги произведува Кина.
„Компаниите како Хуавеи и ЗТЕ, кои се поврзани со кинеската влада, не може да им се верува дека ќе ги заштитат чувствителните податоци и интелектуалната сопственост. Северна Македонија има можност да ги искористи придобивките од дигиталната економија, но успехот ќе зависи од тоа дали ќе се користат снабдувачи од доверба, кои ќе ги заштитат приватните информации на граѓаните.“, велат од Амбасадата од САД.
Од кабинетот на Груби велат дека Северна Македонија како членка на НАТО има обврски кон Алијансата и сојузниците, а со Кина имаат коректна соработка.
„Во врска со 5Г технологијата, нашата земја како членка на НАТО има свои обврски кон алијансата и сојузниците, посебно кон нашите стратешки партнери. Билатералната соработка меѓу РСМ и Република Народна Кина е коректна. Двете земји заедно реализираме проекти кои ќе носат економска придобивка за граѓаните и нашата земја“, вели Груби.
Кинескиот телекомуникациски гигант Хуавеи стана најголемиот продавач на паметни телефони во светот во вториот квартал од годината. Вашингтон тврди дека фирмата претставува значителна закана на интернет и затоа ставиле забрана на американскиот пазар, а води и кампања за нејзино изолирање и на глобално ниво.
TV21








