Под посебни здравствени протоколи, во пространата собраниска сала „Големата купола“ денеска се одржа конститутивната седница на десеттиот парламентарен состав. По седницата лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ најавија дека стартуваат со предговори за парламентарно мнозинство и формирање на Влада.
Со маски на лицето и дезинфицирани раце, со претходно измерена нормална телесна температура, новите народни избраници седнаа во пратеничките столчиња. Поради пандемијата со ковид19, конститутивната седница со која претседаваше досегашниот спикер Талат Џафери се одржа во салата „Голема Купола“ во која го имаше потребното растојание меѓу пратениците и гостите кои присуствуваа на седницата. На конститутивната седница присуствуваа и претседателот Стево Пендаровски, премиерот во заминување Оливер Спасовски, поранешни претседатели на државата и на Собранието, претставници на највисоките судски инстанции, Народниот правобранител и претставници на дипломатски конзуларни мисии во Македонија.
Со кревање на картончиња, пратениците прво избраа Верификациона комисија за да ги верифицира новите пратенички мандати според извештајот од ДИК за резултатите од предвремените парламентарни избори.
Подоцна со 116 гласови за и ниту еден против и воздржан, Собранието ги верификуваше мандатите на 120 -те пратеници. Претседателот Џафери им ги честиташе мандатите на сите пратеници, притоа истакнувајќи дека на членовите на владата чив мандат е верификуван денеска, согласно член 8 од Изборниот законик им престануваат функциите во Владата.
„Почитувани колеги пратеници во мое лично има и целата служба, на новиот состав и сите пратеници им го честитам мандатот и верувам дека нашите задачи и обврски ќе ги извршиме согласно уставните определби како претставници на граѓаните на Република Северна Македонија“, рече претседателот Џафери.
Другите две точки од дневниот ред односно изборот на претседател, заменик претседател и членови на Комисијата за избори и именувања, како и избор на претседател на Собранието, Џафери објасни дека ќе се случат тогаш кога за тоа ќе се создадат услови, односно потребното парламентарно мнозинство. Дотогаш ќе претседава Џафери, а негови заменици се Горан Мисовски и Флорим Бесими.
Во десетиот собраниски состав има 77 пратеници и 43 пратенички или две помалку споредено со претходниот состав. Во однос на возраста, 16 од новите пратеници имаат помеѓу 23 и 35 години. Најмлада пратеничка е 23- годишната Артина Ќазими студентка од гостиварски Добри Дол, која доаѓа од редовите на коалицијата Алијанса на Албанците и Алтернатива, а 72 години имаат нејзините највозрасни колеги – Стојан Миланов од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и Илија Николовски од коалицијата на СДСМ.
Извор:RCE












