Маршот за демократија не е само протест, туку е јавен израз на волјата на албанскиот граѓанин во Северна Македонија, кој по последните избори смета дека сериозно се оштетени демократијата и начинот на изразување на слободната волја на албанскиот граѓанин, информираа во пресрет на утрешниот марш од Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива.
Маршот ќе започне во 19 часот од паркот Чаир во Скопје, потоа ќе помине пред Влада и е планирано да заврши пред канцелариите на Делегацијата на Европската Унија.
„Како знак на револт за потиснување на највозвишеното право на слободното гласање, овој марш – токму пред седиштето на Делегацијата на Европската Унија во Скопје – ќе испрати јасна порака дека една држава којашто ги започнува преговорите за членство во ЕУ не смее да дозволи дел од нејзините граѓани да бидат лишени од правото да избираат и да бидат избрани, што е основното човеково и политичко право во ЕУ“, изјави на прес-конференција портпаролката на Централниот штаб на коалицијата, Нурџан Асановска.
R.S.E









