СКОПЈЕ (АА) – Турската демократска партија (ТДП) со свечена програма ја прослави својата 30-годишнина од основањето, јавува Агенција Анадолија (АА).

На свеченоста присуствуваа премиерот на Македонија, Оливер Спасовски, претседателот на ТДП, Бејџан Илјас, почесниот претседател на ТДП, Кенан Хасип, членови на партијата и многу други гости.
Во својот говор, премиерот Спасовски упати честитки по повод 30-годишнината на ТДП и посака долги години да останат на политичката сцена.

Истакнувајќи дека ТДП е вградена во темелот на оваа држава, Спасовски рече: „Затоа што е создадена кога се создаде и независна и суверена Република Македонија. И во темелот се вградени многу кадри на Демократската партија на Турците, коишто од првиот момент се вложија да имаме држава ваква каква што е денеска – држава независна, суверена, држава на сите граѓани без разлика на националната, верската, етничката припадност. Држава која што е дел од НАТО и ЕУ.“

„Посебно сакам да се заблагодарам на сите Турци во Македонија не само на членовите на вашата политичка партија, заради тоа што не само што се најлојални граѓани на оваа држава, туку се граѓани коишто ја основаа, коишто ја подрржуваат, коишто заеднички се трудат да ја развиваме државата. Второ, се граѓани коишто се директен мост на нашето пријателство и братство со Република Турција“, истакна Спасовски заблагодарувајќи се на Турците од Македонија.

Премиерот Спасовски упати благодарност до турскиот претседател Ердоган и Владата за испратената помош за борба против вирусот Ковид-19.
„И овде во името на Владата сакам да изразам благодарност до Владата на Турција, до претседателот [Реџеп] Таип Ердоган за поддршката која што ѝ ја даде на Македонија во тие тешки моменти, за помошта која што беше дадена се со цел сите заедно да ја поминеме полесно оваа криза.“
Во изјавата за медиумите, претседателот на ТДП, Бејџан Илјас, рече дека ја одбележуваат 30-годишнината на Демократската партија на Турците во Македонија, чиј корен е Демократскиот сојуз на Турците.

Објаснувајќи ја трансформацијата од Демократски сојуз на Турците во Демократска партија на Турците, Илјас рече:
„Ние ја одбележуваме 30-годишнината на Демократскиот сојуз на Турците, која е основана во јули 1990 година, која порасна во политичко движење. Потоа, Демократскиот сојуз на Турците во 1992 година се трансформира во Демократска партија на Турците.“
Истакнувајќи дека организирале програма за оние кои вложиле големи напори во партијата, Илјас нагласи дека е важно што заедно на едно место се собрани и возрасните и младите за да го одбележат, како што рече, овој важен датум.
На свеченоста се обрати и Енвер Хусеин, генералниот секретар на ТДП и кандидат за пратеник.
Поради новиот вид коронавирус, Ковид-19, програмата се организираше на отворено со почитување на мерките за социјална дистанца. Исто така, прикажано беше и видео со активностите на ТДП во изминатите 30 години.








