Низа реакции во јавноста предизвика листата на луѓе, за кои надлежните тврдат дека одбиле да примаат решенија за изолација. За некои листата е оправдана, но во редакцијата на mms.mk се јавија загрижени граѓани кои велат дека се неправедно посрамени. Дел од засегнатите граѓани се децидни дека се нашле на листа без да им биде доставено решение, а други, пак, ваквиот документ го примиле и потпишале, но и покрај тоа се нашле на листата наречена како „ѕид на срамот“.
Вакво искуство доживеал штипјанец кој се обрати до нашата редакција, но не сакаше јавно да го открие идентитетот. Тој побара да остане анонимен, бидејќи доволно на целото семејство им предизвикале стрес, кога им ги прочитале имињата и бара од Инспекторатот да им се извинат на сите чии лични податоци биле објавени неосновано.
„Со сопругата и детето бевме во изолација петнаесет дена, откако наша роднина со која имавме контакт, при тестирање беше позитивна на вирусот. При анкетното испрашување позитивното лице со право не’ посочи за остварениот контакт, а ние во Центарот за јавно здравје и го потврдивме. Бидејќи сопругата работи во институција каде медицински се грижи за хронично болни пациенти инсистиравме на тестирање, при што од ЦЗЈ ни беа земени брисеви, кои подоцна се покажаа негативни. И покрај ова, седевме дома до предвидениот датум. Решението за карантин го добивме електронски, а во меѓувреме повеќе пати не’ проверуваа полициски службеници кои можат да потврдат дека не сме направиле ниту една отстапка. Ние не направивме ништо за да се најдеме на оваа листа која служи за посочување на неодговорни и несовесни лица кон моменталната ситуација со Ковид-19 и бараме јавно извинување од надлежните“, вели штипјанецот.
Во слична ситуација се нашло и семејство од Скопје кое влегло во државата со негативен тест направен во германска лабараторија.
„На граница потпишавме изјава за самоизолација со уредно оставени контакт информации. Осум дена секој ден ни доаѓа полиција на врата и не’ проверува, па и покрај тоа и ние се најдовме на списокот на луѓе кои одбивале да примаат решение? Кој ќе одговара за нашиот нарушен углед? Кој ќе одговара за стресот и срамот што го доживеавме кога се прочитавме на телевизија“, вели скопјанката Соња Атанасова Исаева.
Неа ја нема на листата, но таму сепак се објавени нејзиниот сопруг, како и неговите родители.

„Ние четворицата патувавме заедно. Моето семејство е неправедно ставено на оваа листа и стојам позади тоа. На граница потпишавме документ, имаме и печат и тој документ дома го имаме во хартиена форма. Можам да разберам дека надлежните се преморени, но тоа не е оправдување за одредени луѓе да бидат жигосувани. Читаме секакви коментари и навреди по социјалните мрежи. Моите свекор и свекрва се по 80 години, тие се стари луѓе, на кои ова им е голем стрес“, изјави Атанасова Исаева за Македонски медиа сервис и додаде дека особено е револтирана бидејќи како што смета, се создаваат големи кластери за кои никој не сноси одговорнст.
За ваков проблем преку социјалните мрежи реагираше и скопјанката, Зорица Џингова Трпковска. Таа се нашла на листата со граѓани кои според надлежните, одбиле да го примат решението за изолација, иако веќе има ваков документ од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
-Бев во самоизолација иако тестот ми беше негативен од 03.06 2020 до 17.06.2020 година. Воедно, барам Државниот санитарен и здравствен инспекторат јавно да ми се извини, како и тоа сите медиуми овој демант да го објават на истиот начин на која е објавена и лажната вест. Грижата за личното и колективното здравје треба да е безусловен приоритет во заштитата од ковид-19 – објави скопјанката.

„Моето мото е секогаш да ја кажуваме вистината и преку личен пример да се однесуваме одговорно и чесно кон граѓаните. Со цел јавноста да биде запознаена со вистината, да не се шири паника, страв и лаги кои го нарушуваат мојот интегритет злоупотребуваќи ме за политички цели, се обратив електронски и до Државниот санитарен и здравствен инспекторат за што очекувам во најбрз рок да реагираат по моето барање“, потенцираше Џингова Трпковска во изјава за mms.mk. Таа истакна и дека документот го добила откако самата инситирала на тоа повеќе пати, а додека била во самоизолација континуирано ја проверувале службеници од полициската станица Аеродром и затоа планира в понеделник да поднесе барање со кое полицијата би потврдила дека ја почитувала мерката.
На списокот кој беше објавен вчера се најдоа вкупно 138 лица, кои спред Државниот здравствен и санитарен инспекторат одбиле да примат решение за изолација односно самоизолација, иако дел од овие граѓани го тврдат спротивното. До оваа идеја здравствените власти дојдоа откако епидемиолозите почнаа да се соочуваат со проблеми на терен, како давање грешни адреси и телефонски броеви што доведува до отежнување на нивната работа. Според нив, некои граѓани одбиле да примат вакви решенија поради тоа што не се двојазични.










